На местото на трите вили, до Младински парк, ќе се гради комплекс од згради!
Изградбата на првата е започната. Засега нема информации кога ќе почнат да се градат преостанатите две згради.
Сопствениците на трите вили, во кои живееја заслужни граѓани на Велес, ги продале на заинтересирани инвеститори кои планираат изградба на згради на улицата Алексо Демниевски .
Откако локалната власт одлучи да промени дел од сообраќајниот режим во центарот на градот велешани првично сметаа дека градежната механизација која таму работи ја подготвува изградбата на досега неискористената улица за поврзување на Алексо Демниевски со Благој Ѓорев.
Станува збор за улицата која мине покрај зградата на новиот театар и треба да ги спои двете улици Алексо Демниевски и Благој Ѓорев.
Сепак тоа не било така откако еден од сопствениците на вилите потврди дека на местото ќе се гради комплекс од згради. Градежните работи интензивно се одвиваат на првата парцела која се наоѓа веднаш позади бината на анфитеатарот во Младински парк. За скоро време таму се очекува инвеститори да почнат да ги градат и другите објекти.
Исто така се очекува да започне и изградбата на улицата над вилите за потребите на новото сообраќајно решение во Велес. Со него во две насоки ќе се вози по улицата Благој Ѓорев, од кривината кон болницата до зградата на поштата, а улицата над вилите ќе треба да биде ставена во функција за напола да се скрати кружното вртење особено кон болницата и здравниот дом./E.Н