Се накотија бездомни кучиња, невладините бараат хуман третман!
Невладината за заштита на животни Анима мунди алармира за состојбата со бездомните кучиња во градов.
Неколкуте случаи во кои бесни бездомни кучиња нападнаа велешани, но и случаите во кои граѓаните масовно ги труеја скитниците ги разбудија здруженијата.
На барање на невладината Анима мунди, општината, се согласила заедно да се работи на подобрување на ситуацијата која ја оценија како алармантна.
Утврдиле дека на терен има глутници кучиња, кои мора веднаш да се стерилизираат.
„Ова е проблем кој се таложел со години и граѓаните мора да разберат дека не може да се промени преку ноќ. Но, ништо нема да сториме доколку ги уништуваме животните, туку напротив ќе се зголеми проблемот бидејќи имаме обврска да се грижиме за нив“, вели Столе Велковски, здружение за заштита на животни Анима мунди.
Хуманото третирање на животните е неопходно па и општината бара разбирање и трпение од граѓаните.
Градоначалникот вели дека во соработка со ветеринарната станица започнале заловување, стерилизирање и обележување на бездомниците, но апелира и велешани да помогнат.
Според него многу ќе се подобри состојбата доколку граѓаните не ги напуштаат милениците и ако ги вдомуваат скитниците.
„Капацитетот и можностите на ветеринарната станица и општината се ограничени. Мораме да работиме и на подигање на свеста кај велешани за да можат слободно да им пристапуваат на овие животни“, вели Горан Петров, градоначалник.
Денеска општината и Анима мунди потпишаа меморандум за соработка.
Освен што ќе се работи на стерилизација на кучињата, преку трибини ќе се развива свеста кај граѓаните, а низ градот треба да се постават и канти за фекалии.
Во меѓувреме полицијата сеуште не ги расфетлила случаите на масовно труење на кучиња во градот и околните села./Б.Н