Сакај за да бидеш сакан!
Хуманитарната забава одржана синоќа во Велес им даде надеж на организаторите на проектот за опремување на сала за игри и вежби на децата во Велес. Групата „Нокаут“, естрадните уметници Даре, Петар Штерјов и диџеите први ја поддржаа иницијативата.
Велешани дадоа голема поддршка на иницијативата на граѓанските здруженија за опремување на сала за игри и вежбање во детската градинка „Димче Мирчев“.
Синоќа, дискотеката Down Town беше претесна за да ги собере сите хумани граѓани кои купија влезница и со издвоените 50 денари започнаа да ја полнат касата во која ќе се собираат сретства за купување на спортски реквизити.
Како ќе се собираат пари така ќе се опремува просторот на детската градинка во централниот клон, кај Жаба зграда, велат организаторите на хуманитарната акција.
Нив први ги поддржаа Лајонс клубот, Телекабел и Леов компани.
„На граѓани продадовме околу 600 влезници и организирано ни откупија уште 200 што значи дека без билетите кои се продадоа пред почетокот на хуманитарнава забава имаме 800 посетители. Можам да констатирам дека имаме поддршка за почетокот на опремувањето на игралната во која освен децата од градинката ќе можат да вежбаат и дечињата болни од церебрална парализа,“ рече Ана Милевска Ѓеоргиева од здружението на граѓани 46664.
Освен оваа невладина организација хуманитарната акција за собирање на сретства за опремување на салата за игри и вежбање ја организираат здружението за спорт, рекреација и анимација „Штурчиња и Здружението на лица со церебрална парализа.
Физикалната терапија е многу значајна во процесот на лекување на лицата болни од церебрална парализа но, овој простор за нив ќе значи дополнителна можност за игра и вежби во кои освен децата ќе можат да доаѓаат и нивните родител, вели претседателката на здружението Далиборка Златева.
„Физичката активност за нашите дечиња е од големо значење.Јас ке го спомнам Стојанче, тој е дете со церебрална парализа на единаесет годишна возраст кој неможе да ги посетува часовите по физичко воспитување со своите врсници. Но, тој со родителите ќе може да вежба во оваа сала и ќе ја остварува потребата од физичка активност. Се надевам дека сите дечиња со помош на родителите ќе бидат наши партнери во овој проект и сите ние ќе успееме во намерата да им помогнеме повеќе да се раздвижуваат и вежбаат што е од витално значење за нивното здравје.“
Членовите на здружението „Штурче“ ќе им помагаат на децата да вежбаат.
Со синоќешната хуманитарна забава проектот започна. Во собирањето на сретствата можат да учествуваат сите граѓани како поединци или преку нивни фирми. Колку повеќе сретства ќе се соберат толку повеќе справи за вежбање ќе се купат. Игротеката и вежбална ја очекува хуманоста на велешани./Б.Н