Пијанистот Илија Настовски и вокалот Петар Штерјов со хуманитарен коцерт за градинките!

Објавено на 19 февруари, 2013 во 11:15

Парите од концертот насловен како Музика за душа, ќе се потрошат за опремување на детската игрална во градинката Димче Мирчев.

Настовски и Штерјов во сабота во салата Бели Мугри со почеток во 19 часот ќе се престават пред велешката публика со концерт поделен на три дела, класична музика, македонска музика и странски љубовни песни. Парите од продажбата на билетите кои чинат 50 денари ќе се трошат на доопремување на детската игрална.

„Ние проектот Сакај за да бидеш сакан го започнавме со забавата во дискотеката и со продажбата на 600 влезници собравме четириесет илјади денари. Презадоволни сме, но не запираме тука. Следно што ќе се случува е концертот кој исто така е наменет за собирање пари за игралната“, вели Ана Милевска, координатор од невладината 46664.

Здружението на родители на деца болни од церебрална парализа, НВО Штурчиња, организацијата 46664 во соработка со градиниките го започнаа хуманитарниот проект чија крајна цел е да се изгради игрална која освен на децата од градинките ќе им користи и на децата со церебрална парализа. Стартот велат дека е успешен.

„Во оваа фаза по завршувањето на првата активност, детската градинка веќе започна со  адаптација на просторот каде треба да биде сместена игралната. Се молерисуваат ѕидовите и обновува подот. Од коцертот во сабота очекуваме да собереме уште средства за опремување на детската игрална со спортски реквизити,  астручни лица ќе ни кажат што се ни е потребно“, вели Ефтимија Карбева Лукарова, детска градинка Димче Мирчев.

„Велес на концертот Сакај за да бидеш сакан повторно покажа дека е хуман град, се надевам дека наредниот концерт ќе биде уште поуспешен и дека ќе никне фискултурна занимална за рекреација во граднката. Така и нашите членови ќе ги почувствуваат благодетите од физичката активност“, вели Далиборка Златева, Здружение на родители на деца болни од церебрална парализа.

Организаторите на акцијата ги повикаа сите велешани да си купат билети за концертот во сабота, а можат да ги најдат во просториите на здружението во Домот на невладини организации во населбата Дворови.

 

 

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.