Нови маси за пинг – понг во салата Гемиџии!
Федерацијата се надева дека ќе актуелизира овој замрен спорт и повторно ќе го оживее клубот во градот.
Од денеска љубителите на пинг – понг ќе можат да се рекреираат на уште нови четири маси кои ги обезбеди јавното претпијатие Парк спорт. Поставени се во салата Гемиџии и со претходните четири двојно е зголемен капацитетот за пинг – понг рекреација.
„Имавме голема заинтересираност и до сега. Во терминот од 18 до 20 часот се бараше маса повеќе па за тоа одлучивме да донесеме уште четири нови. Се надевам дека со ова уште повеќе ќе го актуелизираме овој спорт“, рече Александар Табаков, директор на Парк спорт.
Неколку рекети и топчиња, поклон за рекреативците донесе и секретарот на пинг – понг федерацијата. Се надева дека ова ќе биде поттик за создавање на професионален клуб.
„Во Велес долго време егзистираше клубот Борец, но веќе 20 години градот нема пинг – понг клуб. Се разбира дека секоја иницијатива за оживување на спортот ќе ја поддржиме, а еве сега ја имаме и основата, тоа се масите на кои младите би тренирале“, рече Иван Гласновиќ, секретар на пинг понг федерација.
Инаку во земјава има вкупно 26 пинг-понг клубови кои се натпреваруваат во три лиги машка, женска и супер лига. Како почеток за реализација на идејата претпријатието најави дека следниот месец ќе организира турнир, каде рекреативците ќе си ги измерат своите сили.