Единствен празничен подарок за Марија Панова се насмевките и погледите на нејзините деца!
Осмомартовската желба на мајката е да се полни стомаците на гладните дечиња и да имаат нормални услови за живот.
Раздвиженост, насмевки на лицата на жените и цвеќе и подароци во рацете. Таква е сликата во центарот на Велес каде е очигледно празничното расположение за денот на жената 8 ми март. Многу поинаква е сликата на само 100 тина метри од метежот. Во домот на семејството Панови, во населбата Дворови, мајката Марија знае дека и нејзе и е празник, но не и е до празнување.
„И јас сакам да празнувам ама нема. Вака не било никоја година како што е сега“, рече Марија Панова.
Таа денот го мине грижејќи се за трите деца од кои најмалото е бебе со само седум месеци. Куќата дадена на користење од шумското стопанство е пред распаѓање, студено е во неа, а се чувстува само мувла и влага од јагленисаните ѕидови. Како и денеска секој ден додека ги чува децата размислува дали нејзиниот сопруг ќе донесе леб и дрва.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=3bJP98uCznU&feature=youtu.be{/youtube}
„Мажот ми ако собере од некаде, ако донесе дрвја или пак палети од пазариште. Работи кога има за товарање вреќи или ако го ангажира некој. Млеко за децата немам, никој не ми дава, тој ако извади некој динар да купи. Тоа е.“ вели Панова.
Највозрасното оди на училиште во второ одделение, но пари за тетратки и моливи нема.
„Немаме пари. Наставничката му вика да ја потсече косата, ама дури и за тоа пари немаме. И тоа е скапо, од каде да ги најдам седумдесет денари“, се жали Панова.
Панови од месецов очекуваат да земат социјална помош. Марија вели најголема желба и е нејзините деца да живеат во нормални услови.
„Нормален живот да имаме сакам, вода, струја и машина за перење алишта. Сакам моите деца да растат во нормални услови, а не во влага. Тешко е ама што да се прави нема крај“, вели Панова.
Не испратија со надеж дека институциите ќе им помогнат за да не живеат во мизерни услови во кои децата често се разболуваат. Оброкот кои го земаа од народната кујна е единственото што ги одржува во живот.
