Велешкиот совет работи и во избори!
Итна седница ќе се одржи утре за утврдување на штетите од поплавите.
На три дена до локалните избори општинскиот совет со актуелниот состав ќе ја одржи и последната седница. Таа е итна и има една точка на дневен ред , а тоа е усвојување на елаборатот за проценка на штетите од поројните дождови кои го зафатија регионот на крајот на февруари и почетокот на март. Според актуелниот претседател на советот Славчо Чадиев нема законски пречки да се одржи седницата.
„Иако сме во предизборна кампања, советот мора да заседава кога има итна потреба од тоа како што е во случајов. Ние не сме распуштени се додека не се верификува новиот состав на советот. Итно е потребно да се утврдат штетите за да се запазат сите законски рокови и елаборатот на време да пристигне пред Влада, која ќе ги обештетува велешаните кои претрпеа штети од поплавите“, рече Славчо Чадиев, претседател на советот на Општина Велес.
Инаку на седницата ќе се разгледува елаборатот во кој се опфатени штети на земјоделските производи и објектите од поплавите по течението на Вардар. Најголеми штети има во населбите Речани и Шорка и тоа најмногу страдале морковите, а помалку другите раноградинарски култури. Ако се прифати овој елаборат тој ќе се испрати пред Влада која треба да ги исплати оштетените. Но, до сега за отштета од неколку природни непогоди кои се случија во изминативе пет години владата нема исплатено ниту денар./Б.Н.