Двојно повеќе места отколку завршени осмооделенци!
Наесен, за 1120 слободни места во прва година средно образование во четирите средни училишта во Велес, ќе конкурираат вкупно 529 осмооделенци.
Тие без проблеми ќе можат да се запишат во предвидените 33 паралелки за настава на македонски јазик и во единствената на албански мајчин јазик во гимназијата „Кочо Рацин“. Останатите паралелки се очекува да се пополнат со ученици од Повардарскиот регион или од Овче поле.
Средните училишта во градот се обидуваат да го привлечат интересот на осмоодделенците со наставни програми кои нудат можност за образование на стучни профили кои се дефицитарни во овој дел од државата.
Така годинава во економското училиште „Јовче Тесличков“ ќе се образуваат банкарски службеници а во УСО „Коле Неделковски“ се воведува стручно образование за автомеханичар и електроинсталатер монтер како и за месар. За овие две струки ќе биде отворена по една паралелка со 34 ученици.
Освен во средните училишта каде неколку години има двојно помалку ученици отколку слободни места сликата не е поинаква и со уписот на првачиња во основните училишта во градот.
Од година во година има се помалку деца во споредба со планираниот број на паралелки во петте основни училишта./Б.Н