Погребан старецот во кого пред седум дена удри воз на железничкиот премин во Превалец!
На семејните гробишта во Превалец, денеска, беше погребан Атанас Димовски во кого пред осум дена удри битолскиот воз на недоволно обезбедениот премин во центарот на населбата.
Седумдесет и три годишниот старц седум дена се бореше со повредите кои возот му ги нанесе на главата. Но, не успеа да ги преброди.
Димовски претходно имал здравствени проблеми со срцето, преживеал мозочен удар и тешко се движел иако користел бастун.
Очевидци на несреќата и тогаш рекоа дека старецот бил во свесна состојба а тие се обидувале да го одржат во живот како и дека повредите биле сериозни. Истото го потврди и специјалистот по трауматологија кој Димовски веднаш го испрати на лекување во скопскиот клинички центар.
Смртта на Димовски, денеска исто како и несреќата од пред осум дена, ги вознемири жителите на Превалец. Повторно по кој знае кој пат повторија дека бараат да се вратат рампите на отворениот железнички премин.
Граѓаните изјавија дека нема да ја остават состојбата каква што е веќе шест месеци затоа што се работи за небезбеден премин од кој не се гледа железничкиот тунел и затоа што преку него минат нивните деца.
Претходно, на крајот на минатата година на истиот железнички премин воз удри во југо а возачот се спаси во последен момент. Тој имаше повеќе среќа од старецот кој цел живот го помина во населбата и кој знае колку пати преминувал преку пругата додека на неа функционираа рампите.
Овој железнички премин е многу фрекфентен. Пред шест месеци ЈП Македонски железници ги извади рампите, го повлече чуварот и пругата ја остави на светлосниот и звучен сигнал. Но, тие секогаш не функционирале, тврдеа и денеска граѓани на Превалец. „Преку преминот минат нашите деца, ние жителите на населбата, возила и граѓани од Велес и од општината Чашка и затоа мора да се обезбеди максимално,“ бараа жители на населбата./Б.Н