Учениците од хемиска порачаа „Немаме резервна планета“!
Со повеќе активности го одбележаа Денот на планетата Земја.
Учениците да се научат да размислуваат еколошки, но и да се дојде до зелено знаме е целта на низа манифестации кои хемиското училиште Димитрија Чуповски ги организираше по повод Денот на планетата Земја. Точно на пладне преку игра и песна дел од учениците ги испратија своите пораки за зачувување на здравата животна средина.
„Некако се научивме да размислуваме дека поголемиот број на проекти треба да ги посветиме за дела за заштита на земјата бидејќи како што се вели резервна планета немаме. Поради ова се што работиме е во интерес на нејзина заштита и нејзино подобро утре. Не дека сме задолжени, но сметаме дека е корисно и за нас и за учениците бидејќи би ги натерале да размислуваат за тоа како да ја заштитат животната средина и подобрат условите за живот. Поради ова се што може да е корисно е вклучено во наставниот процес“, рече Валентина Јовева, директор на училиштето.
Инаку освен со флеш моб во младинскиот парк училиштето Димитрија Чуповски денот на планетата земја го одбележа со предавања за глобално затоплување кои се одржаа на класниот час, а после големиот одмор 80 – на ученици го чистеа дворот на училиштето. Со одржаните активности и учеството на модната ревија со модели изработени од рециклиран материјал влегуваат во трка за зелено знаменце кое го доделува Американската амбасада во земјава./Б.Н.