Технолошко – техничкиот факултет во Велес ќе отвора докторски студии!
Со просек 9,80 на Технолошко техничкиот факултет дипломираше велешанката Кети Гешовска.
Кога, пред пет години, се запиша беше првиот студент додека денеска кога на свеченоста и беше врачена дипломата за инжинер технолог за производство на храна на Факултетот има 100 студенти. Но таа беше и останува најдобриот студент. Сега кога ја доби дипломата Гешовска е запишана и на магистерски студии на истиот факултет.
„Задоволна сум од квалитетот на наставата, од инвентивноста на професорите и секако од соработката со нив. Се ова беше пресудно за да се запишам на магистерските студии. Очекувам престижна компанија да ми даде можност да покажам што научив особено во делот на унапредувањето на технолошките процеси во производството на здрава храна,“ рече Гешовска.
Освен неа денеска, на пет годишниот јубилеј, Технолошко техничкиот факултет во Велес при Универзитетот Свети Климент Охридски во Битола промовираше уште 24 дипломци од студиските групи управување со квалитет и безбедност со храна.
На свеченоста, со која беше одбележан пет годишниот јубилеј, в.д деканот доцент Валентина Павлова соопшти дека е задоволна со бројот на студенти како во Велес така и во Кичево каде се отвараат дисперзирани студии за нутриционизам.
„Задоволни сме од соработката со институциите и со претпријатијата. Поголем број од нив веќе поделија мотивациони стипендии за студенти. Очекувам дека ќе им овозможат и вработување на нашите дипломирани студенти,“ рече Павлова.
Таа соопшти дека на факултетот се отворени магистерки и ќе се отворат докторски студии./Б.Н
