Како се одвиваше контроверзниот случај за платено убиство во Ореше!

Објавено на 28 мај, 2013 во 13:53

Осомничените се на слобода, пред институциите на правдата сега се наоѓаат судии, обвинителот и новинарот кои работеа на случајот, и по 8 години нема разрешница на мистеријата кој го уби 71 годишниот Лазо Милошевски.

Кобната вечер на 2- ри декември 2005 кога еден куршум заврши во градите на Лазо Милошевски ништо не навестуваше за она што ќе се случува по смртта на старецот. Три години само селските муабети ја разгатнуваа мистеријата за тоа кој се осуди да стрела во старецот и да му го одземе животот во 71 – та година. Во ноември 2008 полицијата објави дека има осомничени извршители на убиството, но има и нарачател. Со ова гастрбајтерот од Флорида, Ѓоре Петрески стана осомничен македонец кој платил за убиство, а браќата Ордан и Љубчо Ѓорѓиевски од Драчево првите платени убијци. Министерството за внатрешни тогаш обелодени дека убијците после престрелка во населбата Аеродром се уапсени, нарачателот е недостапен оти е во Америка, мотивот е одмазда. Истрагата заврши, но истражниот судија беше разрешен. Судскиот совет го прогласи дека несовесно ја водел процедурата откривајќи го идентитетот на заштитениот сведок „Бреза“, а дел од судските записи со неговиот телефонски број се најдоа на страниците на неделникот „Репортер 92“. Тој пак спротивно на ова обвини дека тогашните претседатели, на судот во Велес и на судскиот совет му го украле предметот од фиока.

Летото 2009 – та започна судењето. Ѓорѓиевски во судот во Велес во два наврати беа осудени по 12 години затворска казна, но скопскиот апелациски суд ја укинуваше пресудата и процесот го враќаше од почеток. Поради предолгото судење тие го одлежаа законскиот максимум за притвор па излегоа од зад решетки, но во меѓу време Петревски беше донесен од Америка и ставен во притвор. Мистерија остана дали беше екстрадиран по барање на македонските власти или депортиран поради нелегален престој, но и покрај барањето на неговиот адвокат да се прецизира, тоа не се случи. По трет пат обвинетите седнаа на обвинителна клупа, но овој пат се случи пресврт. Клучниот сведок под псевдонимот „Бреза“ реши да си го открие идентитетот, Златко Арсовски и јавно да сведочи. Пред судот обелодени дека се што кажал против обвинетите лажел и тоа под притисок на иснпектори од ДБК кои му се заканувале по животот ако не го стори тоа. Обелодени уште многу информации со кои откри дека иако бил заштитен сведок и во затвор сепак во посета му доаѓале луѓе кои не смееле да имаат пристап до него, му давале напишана изјава која тој само требало да ја научи и каже пред судот, а како заслуга за она што го кажал го извадиле од затвор на неколку дена и однеле на одмор во Охрид со неговото семејство. Тој посочи дека во кафуле во Скопје судијата кој го овдеше процесот се обидел да го разубеди од намерата да си го открие идентитетот. Но, рече дека му е преку глава од неисполнетите ветувања на Агенцијата за заштитени сведоци од каде на почеток му ветиле дека ќе го заштитат него и неговото семејство обезбедувајќи му живот во странство, а му платиле само кирија во Скопје и му давале месечен надомест.

Немање докази и пресврт со сведочењето на Златко Арсовски беше главната причина поради која велешкиот суд на 29 март годинава донесе ослободителна пресуда за тројцата обвинети. Браќата обелоденија дека ги местеле инспектори од ДБК кои ја воделе истрагата, додека нивните адвокати побараа да се преиспита работењето на судијата кој го водеше процесот. Полицијата денеска направи уште еден пресвртот со овој случај. Пред истражните органи се најдоа судечкиот судија, обвинителот, поранешниот истражен судија, новинарот кој ги објави податоците за Бреза, но и уште двајца посредници, поранешен судија и човек од подземјето, сите ги сомничи дека се вклучени во незаконски дејства поврзани со процесот за убиството на старецот од Ореше. Но, ни денес МВР не обелодени зошто ДБК ја водеше истрагата за ова убиство.

И додека контроверзниот случај сеуште ја бранува јавноста, роднините на старецот го чекаат одговорот на прашањето, кој го уби Лазо? И после осум години од злосторството случајот остана мистерија, а казната не го стигна убиецот./Б.Н.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.