Подпокрив ќе добие нова зграда во центарот на Велес!
Нема да се прават фасадите туку ќе се гради подпокрив на зградата која е запепена до Народниот музеј. Скелињата на тротоарот од левата страна на централната градска улица на плоштад Сармаале се поставени поради градежните работи кои ќе започнат деновиве. Таму ќе се градат нови станови. Извадена е дозвола за градба пред две години и бидејќи нејзиниот рок на употреба бил при крај, деновиве ќе почнат градежните работи на објектот. Нив ќе ги изведува градежната фирма „Делта пром“.
Последниве години на Велес му се случува експанзија во изградба на станови на покривите на зградите. Ако пред неколку години се градеше на улицата Благој Ѓорев на покривите од зградите над стоковна куќа „Бос“ сега станови се градат во стариот дел на градот поточно на Сармаале. Откако по еден кат повеќе добија војните згради спроти судот, делови од комплекс Чешел сега станови се градат стотина метри погоре.
Според евиденцијата на општината годинава биле издадени 2 а во моментов во постапка било издавањето на 3 решенија за градба на подпокриви од згради во Велес.
– Лани биле издадени вкупно 7 одобренија за доградби на вкупно 4 покриви на згради во градот. Според евиденцијата на службата динамиката на издавање на решенија за ваков вид на градба се движи помеѓу 5 и 7 на годишно ниво, рече портпаролот на општина Велес, Мартин Мајсторов.
Како што дознава Дума.мк, интерес за доградби покажале сопствениците на станови во сите згради на левата страна на главната улица Маршал Тито како и на Благој Ѓорев до комплексот згради спроти Младински парк. Тоа се претежно одамна изградени објекти со три до четири ката. Но, за дел од овие граѓани особено е важна статиката на објектите за кои велат дека досега никој не ја мери. /Б.Н
