(ФОТО) Велешани на утринска Велигденска богослужба во соборниот храм „Св. Вм. Пантелејмон“

Објавено на 20 април, 2014 во 09:28

Се поздравуваа со „Христос воскресе“ и отпоздравуваа со „Вајстина воскресе“, утрово, голем број велешани кои на утринска богослужба дојдоа во соборниот храм „Свети Великомаченик Пантелејмон“. Со неа чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски Господин Агатангел.

Редица од верници чекаше пред иконата на Господ. Тивко, чекор по чекор се движеа жени, мажи и деца. Во раце држеа црвено јајце, цвеке и пари. Ги оставаа, кажуваа молитва, се крстеа и заминуваа. Во божјиот храм се одржуваше утринската богослужба. На дрвените столици седеа безброј луѓе. Само едно дете се издвојуваше од останатите. Девојчето носеше марама на глава исто како мајка му и со големо внимание ја следеше богослужбата.

Граѓаните ги бакнуваа и останатите икони во божјиот храм, кажуваа молитви, оставаа дарови.

Во ходникот на соборната црква се купуваа свеќи. Се палеа и се редеа на свеќниците околу кои повторно имаше гужва. И тука се чекаше ред.

Велешани по излегувањето од црквата заминуваа на гробиштата. Ги посетуваа гробниците на упокоените роднини и пријатели, палеа свеќи и кандила и им оддаваа празнична почит.

Традицијата во Велес предпочита денеска на Велигден верниците да ја посетат соборната црква „Свети Великомаченик Пантелејмон“, на левата страна на градот, додека утре на првиот ден на празникот ќе заминат на спротивната страна во градот каде се наоѓа црквата „Свети Спас“.

Нокеска, на најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, двете цркви во градот беа полни со луѓе. Голем дел од нив присуствуваа на вечерната богослужба по која беше објавена радосната вест за воскресението Христово, како симбол на победата над смртта./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.