Општина Велес на сопствен веб портал
За да им овозможи на граѓаните навремена и брза информација и во истовреме да се запазат отчетноста и транспарентноста, општината ја редизајнираше досегашната електронска страна veles.gov.mk. Новиот изглед е дело на одделението за информатичка технологија.
„Нашата основна идеја беше да се сегментираат информациите по области, да има поголема прегледност, поедноставна навигација и да се обезбеди функционалност на новите сервиси на услуги“, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Порталот го изработија вработените од одделението за информатичка технологија, Горан Чучуковски, Сашко Ристовски и Нинослав Костовски. За една година ги префрлиле податоците од претходната страна и го комплетирале порталот. Чучуковски вели дека страната е изработена со слободен софтвер, има нов концепт и сега податоците се сегментирани со што корисниците многу полесно доаѓаат до крајната цел.
„Штом ја отворите страната потребно е само да кликнете на линкот кој ве интересира, на пример најнови вести и ќе видите што се се случило во општината. Ако кликнете на линкот градоначалник ќе ги прочитате информациите поврзани со активностите на градоначалникот. И досега ги имаше овие опции но истите беа понепрегледни и за тоа имавме реакции од посетителите“, рече Чучуковски.
ИТ тимот на општината планира постепено надоградување на порталот. Ристовски најави можност за двонасочни услуги во делот на поднесување на барање за издавање потврди, проверка на податоци кои се од делот на личните податоци на фирмите како и реализација на георафски информациски систем со кој ќе се надогради постоечката платформа за електронски услуги на ошптината.
„ Сите тие податоци ќе се класифицираат на јавни и на приватни информации. Корисниците ќе можат директно да следат предмети кои се поднесени и е започната нивната обработка од страна на вработените во општината. Го исцрпивме планот од стратегијата за информациско-комуникациски технологии и во иднина ќе работиме на сервисниот дел и имплементирање услуги каде граѓанскиот сервис центар ќе има истотака важна улога“, потенцираше, Ристовски.
Досега страницата на општина Велес ја посетиле вкупно 450 000 граѓани. Дневно на неа се регистрирани по 200 посетители./Д.С
