Отруени синоќа десетици домашни миленици во центарот на Велес, од „Гласот на животните“ згрозени !

Објавено на 31 мај, 2014 во 16:27

Кучето Линда се спаси, а мачињата Белка, Жолтко и уште триесеттина други се отруени во синоќешната хајка што против домашни животни се случи во центарот на Велес. Од туењето со опасен отров во моментов за живот се борат неколку  домашни миленици на велешани кои живеат во централното градско подрачје. Активисти на граѓанското здружение „Гласот на животните“ цел ден се справуваат со последиците што ги предизвикаа несовесни луѓе и се обидуваат да спасат што поголем број на мачиња и кучиња.

Синоќа, час пред полноќ, се случи масовното труење на домашните миленици. Сопствениците на кучињата и мачките кои тогаш биле дома успеаја да ги спасат. Тие што задоцнија се соочија со страотна глетка.  Тела на угинати животни лежеа по сокаците и маалата во стариот дел на градот.

„Јас се враќав со автомобил дома кога на маалото прво не пресретна камионот за собирање на смет. Бидејќи не можевме да се разминеме почекав комуналците да ја завршат работата. Имав што да видам кога конечно влегов во овој дел од сокакот. Мачиња неможеа да одат, паѓаа и се бореа за воздух, постојано мрдаа со нозете. Истата глетка ме пречека и во дворот каде моето куче беше во иста состојба. Веднаш му дадовме таблета против отров, варевме домашен шербет и со шприц му дававме да голта. Моите деца се растрчаа по сокакот и додека имавме таблети со активен јаглен им ги стававме во уста на животните, “ раскажа велешанка.

Таа не беше единствена која синоќа беше преплашена од последиците од отровот бидејки беше очигледно дека е пресилен. Со доместос и други сретства беше организирано миење на  сокаците на кои денеска играат деца.  Денеска на помош беа повикани и членовите на граѓанското здружение „Гласот на животните“. Тие ја продолжија акцијата за спасување на домашните животни. Донесоа инјекции, таблети и местеа инфузии. Претседателката Магдалена Горгиева случката ја пријави во полиција.

„Згрозени сме од ова што го гледаме, каква негрижа, каков атак врз беспомошни животни. Кој и да го сторил ова имал цел да изврши убиство. Освен што спасувавме ние денеска се обидовме да дојдеме до виновникот. Од полиција ни рекоа во понеделник да напишеме преставка а бевме и во Ветеринарната станица. Сите се оградија од овој хорор и се прогласија за ненадлежни.  Пред влезот на последната институција најдовме мамка со отров, значи некој и кај нив фрлил, ја отстранивме и фотографиравме за да имаме доказ. Во понеделник за ова ќе ја информираме и општината,“ рече Горгиева.

Според неа труењето на животни се случува секојдневно но на различни локации во градот. Деновиве седум мачиња биле отруени на Којник и едно куче кај маркет на трговски ланец на периферијата на градот. Од „Гласот на животните“ апелираат граѓаните да бидат претпазливи како со своите миленичиња така и со децата бидејќи отровот кој се фрла по улиците бил многу опасен./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.