Др Игор Гелев: За дипломатија, за контрадипломатија и за влијанието на информатичкото раразузнавање врз иднината на современата дипломатија

Објавено на 6 јуни, 2014 во 13:01

Интересна е темата  на докторската дисертација на овој велешанец која деновиве предизвика внимание во јавноста. Колку се интересни тезите, кои се резултат на неговото три ипол годишно истражување, толку е интересен и фактот кои се причините што го поттикнаа овој старешина на АРМ, со чин мајор,  да докторира на тема предодредена можеби за еден политиколог. Но, така не мисли овој дипломец на Воената академија во Скопје , кој магистрираше на Институтот за  одбрана, безбедност и мир а потоа се одлучи на истата високообразовна институција да ја брани и докторска дисертација.

Неоптоварен од професијата и работниот ангажман, чија примарна задача се посветеноста кон граѓаните и татковината,  др Гелев  темата ја избра заедно со менторот  проф. др Билјана Ванковска, пред повеќе од три ипол години  во предвечерието на настаните што ги најави порталот „ Викиликс“ поточно австралискиот новинар и публицист Џулијан Асанз . Токму обелоденувањето  и демистифицирањето  на јавната дипломатија, навидум јавна но всушност скриена под превезот на тајната  дипломатија,  веднаш станаа предизвик за др Гелев.

„ Објавените информации се однесуваа на првите политички коруптивни скандали  на лидерите  на големи европски држави, Англија, Франција и Италија и беа увертира на почетокот на „Арапската пролет“. Ова беа тезите кои  заедно со менторот проф. др Ванковска ги докажавме  иако генезата на тој вид на револуција беше сосема поинаква. Ние  докажавме дека информациите кои ги обелодени Викиликс предизвикаа да се случи Арапската пролет имајки ги во предвид информациите за раскошниот и богат живот на арапските лидери наспроти социо -економската и политичка импотентност на граѓаните во тие држави. Токму тоа го предизвика револтот  и ескалираше преку војни и друг вид на настани  а врв на се беше војната во Сирија. Таму имаше многу странски автори но генерално недржавните актери имаа голема улога во разоткривање на старата традиционалната дипломатија како и на јавната дипломатија или тој нов вид и феномен  што се појави на светската меѓународна политичка сцена. Она што би сакал да кажам е дека во времето од околу три ипол години, додека траеше истражувањето, ние визионерски ги предвидовме настаните кои што се случија многу подоцна како што е феноменот наречен „Сноуден“  кој обелодени бројни информации за НСА и големиот број на информатички датотеки, прислушување на електронските комуникации на сите граѓани во светот, вклучително и лидери на 35 држави. Најголем дел од нив беа сојузници на САД.  Во времето кога ние го спроведувавме истражувањето не случајно француски Ле Монд имаше најголем број на прегледи во историјата на весникот, поради текст со наслов „Кому му требаат непријатели кога има такви пријатели“, алудирајки секако на САД. Она што се случи во тој период , на глобално ниво, подоцна се рефлектираше и на настани или случки, на Балканот.  Ќе го спомнам „Саполикс“ , ју- верзијата на „Викиликс“, во која големите политички капиталци како Јанес Јанша, Талер, Санадер, разни црковни главешини вљубени во млади луѓе, беа лустрирани пред  јавноста со сета нивна етичност односно неетичност и принципиелност односно непринципиелност. Тригерот во истражувањето имаше цел да докаже дека постои нов термин, никаде во светските медиуми необјавен, а тоа беше токму  контрадипломатијата. Ако гуглате на интернет него не можете да го најдете но јас и професорката Ванковска докажавме дека  постои,“ рече др Гелев.

Како нус производ на истражувањето за аферите кои се случија на глобално ниво се и резултатите од поблиското опкружување на Македонија. Во блиското соседство  на површина излегоа бројни коруптивни скандали, разни афери и семејни пикантерии. Тие се последица на аутистичното однесување пред се на цивилниот сектор кој не ги следи актуелните збиднувања ниту покажува иницијатива за промена на тој општествен и политички дискурс, смета  др Гелев.

„Секако дека истражувањето што го спроведовме ќе преставува еден стимул како за цивилното општество така и за владата да култивира и стимулира квалитетен граѓански сектор во кој малите актери ќе треба да одиграат голема улога при донесувањето на одлуките на големите актери. И истовремено неограничената моќ на големите ќе биде лимитирана,“ рече др Гелев.

За тоа колкава е актуелната моќ на на цивилното општество и не е ли тоа принудно замолчено во регионот па и кај нас, др Гелев  вели дека секоја умна влада ги стимулира  „свиркачите“, како што западот ги нарекува храбрите граѓани со став кој наместо да молчат јавно и гласно го соопштуваат.

„Само со изградба на здрав цивилен сектор секогаш и секоја влада ќе има добар и квалитетен коректив кој придонесува, помага општеството да се развива. Свиркачите се модерен лустратор на сите недела, тајни и пикантерии на оние кои се на власт. Сите па и јас ги доживувам како коректори на општествените аномалии на системот. Нив сите влади ги критикуваат но затоа пак се глорифицирани од јавноста која ги доживува како епски јунаци. Тие излегуваат од некои канонски правила на општеството и на јавноста и ја нудат вистината која сака да ја сокрие системот бидејки можеби нуди нус производи за самата Влада. Лично сметам дека „Свиркачите“ или недржавните актери во форма на поединец, група, невладина организација треба да бидат стимулирани, субвенционирани и култивирани од секоја Влада,“ рече др Гелев.

Тој во моментов објавува колумни во дневниот весник „Нова Македонија“. Тому низ оваа форма смета дека треба на јавноста да и ги соопшти своите ставови за прашања за кои има кредибилитет.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.