Невропсихијатри ќе треба да потврдат дали Златко Арсовски, алијас Бреза, е здрав
Златко Арсовски е болен и поради дијагнозата хемофилија секој ден оди во болница каде прима терапија па поради тоа не е способен да го следи судскиот процес,“ рече денеска неговиот бранител Ангел Илиевски во судницата на велешкиот суд. Тој му даде медицински упати на судијата и побара одлагање на расправата. Судењето беше одложено бидејќи не може да се одржи без присуство на обвинетиот Арсовски,, алијас Бреза, кој сега е обвинет за кривичното дело давање лажен исказ.
Златко Арсовски беше заштитен сведок во судскиот процес за платеното убиство на старецот Лазо Милошевски во велешкото село Ореше. Но тој го откри идентитетот и во судницата призна дека под присила дал лажна изјава во истрага. Токму за ова сега Арсовски се соочува со одговорност.
Судијата и обвинителката се согласија дека во судскиот процес им треба стручна потврда за здравствената состојба на Арсовски. Тие ќе бараат психијатриско вештачење кое ќе треба да го направи Невропсихијатриската клиника во Скопје. Тоа го прифати и бранителот на Арсовски, Илиевски. Резултатите ќе треба да стигнат за еден месец бидејки судијата продолжението на расправата го закажа за 14 јули, годинава./Д.С
