Велешани не заинтересирани за советувалиштата во Центарот за јавно здравје

Објавено на 3 јули, 2014 во 11:55

Советувалиштата за заштита од ХИВ вирусот и за млади брачни парови веќе неколку години функционираат во центарот, бесплатнио се и анонимни, но нема кој да ги користи. Од центарот велат дека граѓаните многу малку се интересираат за превентивните мерки за заштита од болести.

„Постои болница каде се лечиме кога ќе се разболиме. Тоа е последниот столб на здравствена заштита. Има и превенција со вакцинирање за конкретна заштита од одредени болести. Има и промоција на здравјето, како да го заштитиме здравјето, тоа се овие советувалишта. Многу луѓе не ги знаат овие советувалишта. Затоа испраќам апел до граѓаните, доколку имаат било какви нејасности за овие теми, нека дојдат, да им помогнеме,“ рече раководителката д-р Флорентина Ристовска Шурбевска.

За превентивните мерки за заштита од овие болести, надлежните од Центарот се обидуваат да ги анимираат и најмладите. Организираат предавања во средните училишта во текот на учебната година.

„Од контактите со деца, со младите кога одиме во училишта да држиме предавање, можам да кажам дека се нема многу знаења за заштита за здравјето“, рече д-р Ристовска Шурбевска.

Инаку во Велес годинава е регистриран нов случај на ХИВ позитивно лице. Неодамна Центарот отвори и советувалиште за одвикнување од пушење. Сите оние кои сакаат да се одвикнат од овој порок бесплатно можат да ги користат советите на стручните лица./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.