Од септември, веб платформа за овошје и зеленчук во Македонија

Објавено на 9 јули, 2014 во 13:20

По која цена можат производителите во Македонија да ги продадат  доматите, пиперките, краставиците, тиквите, зелката, компирот, јаболката, модрата слива, праските, вишните и црешите. Колкава е дневната вкупна количина на произведено овошје и зеленчук и по која цена ги откупуваат опкупувачите, се информациите кои ќе ги содржи веб платформата што ја создаде консултантската куќа Епицентар на барање на Федерацијата на Фармери на Македонија.

Таа со информации треба да ги опслужува производителите во Македонија како за домашниот род така и за цените на берзите со земјоделски производи во регионот. Ова е проект со кој ФФРМ сака да им ја олесни работата на земјоделците кој во секое време ќе имаат исклучително важни информации.

„ Имаме за цел исто така да ги собираме податоците, директно од терен, за понудата и побарувачката за земјоделците да можат многу по прецизно да ги планираат посевите, за да садат и одгледуваат култури кои се потребни односно производи кои ги нема на пазарите. Да можат да склопуваат договори по реални откупни цени. На еден ваков начин да ги заштитиме нив и производството,“  рече потпретседателот на ФФРМ, Љупче Станковски

Регионалните центри на Федерацијата ќе ги собираат податоците од терен. Ќе ги проследат до веб администраторите кои секојдневно ќе ги објавуваат. Нив пак ќе можат да ги следат земјоделците и да планираат која количина на овошје и зеленчук ќе ја засадат, по која цена ќе ги понудат на продажба и по која цена се продаваат во земјите на регионот.

„Веб платформата ќе ја мониторира откупната цена на дванаесет земјоделски производи, поточно овошје и зеленчук, за да се помогне дијалогот помеѓу понудата и побарувачката во државата,“ рече Љубомир Димовскиод консултантската куќа „Епицентар“ автор на веб платформата.

Таа е поддржана и од СИППО, Швајцарската програма за промоција на извоз и увоз.

„Програмата на СИППО има улога да ги поврзе развиените пазари на Швајцарија и Европската Унија со производители од земјите во развој. Тука спаѓа и Македонија,“ рече меѓународниот консултант на СИППО, Методија Стојановски.

Денеска во Велес пред земјоделски производители на градинарски производи и овошје беше промовирана веб платформата. Тие ќе бидат дел од неа штом ќе започне да функционира во септември, годинава. Во меѓувреме ќе се полни со почетни информации./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.