Архивата на згаснатото Радио Велес предадена во Архивот

Објавено на 11 јули, 2014 во 12:37

Во депото на Државниот Архив на Македонија, одделението во Велес,  предадена е нова количина на новинарски и музички материјал од згаснатата локална радио станица Радио Велес. Тоа е вреден материјал кој говори за педесет и шест годишниот живот во градот. Него го создадоа вработените во радио станицата кои и по затворањето, во 2009 година, не отстапија од професионалната обврска на верни хроничари на градот па го спакуваа и го предадоа на Архивот.

Ова е втора количина на материјали составена од снимени емисии, интервјуа и разговори со граѓани, познати личности, специјално подготвени емисии. На котурите и лентите со снимен аудио запис, се сочувани многу ставови на политичари, изјави за значајни настани, случки во Велес, специјално подготвени програмски содржини и радио прилози за кои новинарите во Радио Велес беа добитници на награди и високи признанија на домашни новинарски натпреварувања.

Материјалот е сочуван благодарение на поранешните вработени во радиото а станува збор за аудио-снимки во периодот од 1958/2009 година собран во 140 архивски кутии и над 150 котури со ленти на кои се документирани вести од секојдневниот живот во градот, рече раководителот на одделението во Велес на Државниот Архив на Македонија Слободан Ников.

“Интересно е да напомене дека во архивскиот материјал има интервју со Васил Топурковски од 1991 година,за  Рациновите Средби од 1976 година, емисија по повод одбележувањето на јубилејот 20 години на Радио Велес и слично. Ми причинува особено задоволство што успеавме да добиеме ваков вид на документација и дозволете ми да соопштам дека велешкото одделение на Државниот Архив е единствено од подрачните одделенија кои воопшто имаат архива од радио“, рече Ников.

Пред пет години одделението на Архивот во Велес ја превзеде и успешно сочуваната документација поточно целата пишана документација од  Радио Велес. Затоа сега ќе подготви проект со кои ќе бара од министерството за култура да одобри сретства со кои сите добиени материјали ќе се обработат, класифицираат  и пренесат од аудио касети и котури на дигитални носачи на звук и ЦД./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.