Исечени се стари и трули дрвја од брегот над улицата „Алексо Демниевски Бауман“
Поради безбедноста на граѓаните кои минуваат по тротоарот, од спротивната страна на спортската сала Гемиџии, денеска беше превземена акција за отстранување на ризичните стебла над патот. Неколку од нив беа исечени. Остатоците од стеблата беа оставени на тротоарот додека работниците ги сечеа стеблата и гранките. Општината дала одобрение за сечење.
Пред околу еден месец стебло од овие густо насадени дрвја се скрши и падна на тротоарот на улицата „Алексо Демниевски Бауман“. Немаше повредени граѓани ниту оштетени автомобили иако крошната на дрвото падна и на коловозот на втората главна сообраќајница во градот. Тоа било пресудно за проверка на преостанатите дрвја во овој дел на Велес.
Екипа на јавното комунално претпријатие ги утврдила ризичните стебла и денеска ги отстранила.
„ Општината издаде одобрение за сечење на сите небезбедни дрва од тој дрворед. Пред еден месец таму се случи да падне стебло и за среќа да не повреди никого. Затоа е превземена акција за проверка и за сеча,“ рече портпаролот на општина Велес, Мартин Мајсторов.
Дрворедот се наоѓа под вилите и до стамбената зграда на организацијата на пензионерите во Велес. Сега граѓаните очекуваа надлежните да соопштат дали на местото на исечените ќе бидат насадени нови дрвца.
