Не светат рефлекторите на игралиштето во Дворови затоа граѓаните не можат ноќе да рекреираат
Не може навечер да се игра фудбал, кошарка или рекреативно да се трча на игралиштето кај Железен мост, се пожалија граѓаните од центарот на Велес. На спортскиот терен непосредно до средното економско училиште не работат рефлекторите. Тоа е причина што навечер таму ја нема вообичаената гужва од граѓани, навивање и натпревари во лето.
Темнината ги избрка од спортските терени љубителите на рекреативното спортување. Според нивните изјави годинава за првпат се слува во лето да не се игра мал фудбал или кошарка на овој спортски терен во градот. Таму не трчаат ни атлетичарите рекреативци. Атлетската патека не ја користат ниту граѓаните кои стандардно практикуваат брзо одење. Граѓаните од хивската зграда, во непосредна близина на железниот мост и спортскиот терен, велат дека рефлекторите не се запалиле од лани есента.
„До лани беше пракса на овие спортски терени да се игра ноќе. До полноќ имаше натпревари што сами си ги организираа граѓани кои живеат во централниот дел на градот. Тогаш рефлекторите работеа се по полноќ. Потоа се гасеа. Годинава не е така затоа што терените се во темнина. А тоа не е добро и за рефлекторите бидејќи може да исчезнат, некој да си ги однесе светилките од нив,“ рече граѓанин од населбата Дворови.
„Јас живеам овде близу и со пријателки многу често одевме брзо на атлетската патека. Ова лето не можеме да ја користиме затоа што навечер, кога нам ни одговара таму нема светло,“ рече велешанка.
„Дење е многу жешко и само децата играат на терените. Возрасните годинава ги нема бидејќи тие доаѓаа навечер и ноќе до полноќ а сега не е осветлено,“ рекоа граѓани кои живеат во околните куќи.
За проблемот што го актуелизираа овие граѓани прашавме во општината. Од таму на прашањето зошто летово не светат рефлекторите во населбата Дворови одговорија дека причина биле дефект во електричното напојување и искинатите мрежи со кои е ограден просторот. Портпаролот Мартин Мајсторов соопшти дека многу брзо општината ќе го отстрани дефектот и повторно ќе ги вклучи рефлекторите на игралиштето.
Граѓаните од општината, која пред околу една деценија го изгради ова игралиште, побараа да ја искоси тревата и да го дотера просторот кои инаку го користат голем број на рекреативци.
