Општината се закани, ќе ги сели свињарските фарми подалеку од градот

Објавено на 17 јули, 2014 во 11:13

Сите ќе ги дислоцира на земјиште кое ќе биде пренаменето само за нив. Ова е ставот на локалните власти по бројните реакции на граѓаните и екологистите за неподносливата миризба што во вечерните часови се шири низ градот.

„Граѓаните се во право. Не може цел град да биде заложник на две три свињарски фарми. Прво се интересите на граѓаните, па се друго останато“, рече градоначалникот Славчо Чадиев.

Тој најави засилени инспекциски контроли од наредниот месец. Сопствениците на оние фарми кои работат без каква било дозвола ќе бидат отстранети како и помали фарми во населбата Речани. Сите останати ќе се преместат на земјиште што во моментов се подготвува.

„Откако ќе ги завршиме сите процедури ќе ги повикаме сопствениците на свињарските фарми ќе разговараме и полека ќе почнат да се преместуваат. Реална е потребата тие да се дислоцираат затоа што градот веќе не може да функционира, посебно не во летниот период“, рече Чадиев.

Решение за повеќе годишниот проблем очекуваат и екологистите. Тие тврдат дека поголем дел од свињарските фарми се нелегални и затоа не смее да се дозволи да се толерираат во иднина. Тие ја понудија својата помош во едукација на фармерите за начинот на кој треба да се постапува со отпадот, кој според нив неконтролирано се расфрла низ лозјата околу градот.

„И да се дислоцираат сепак нема трајно да се реши проблемот, во одредени делови на градот повторно ќе се шири непријатна миризба. Сепак ќе биде потребно правилно искористување на ѓубрето и негово компостирање. На тој начин ем нема да има миризба ем фармерите ќе можат дури и да заработат, да го продадат преработеното ѓубре или да го искористат за свои потреби“, рече д-р Ненад Коциќ претседател на ЕД Вила Зора.

Овој проблем со години се провлекува особено во летниот период. Граѓаните постојано реагираат и се жалат дека непријатната миризба од свињарските фарми не само што ги затвора во своите домови, туку им предизвикува и нагон на гадење и повраќање. Очекуваат што поскоро решавање на проблемот./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.