За сечењето на дрвјата, општината и екологистите со спротивни ставови
Неоправдани се реакциите на граѓаните и екологистите дека се сечат млади дрвца низ градот. Ова е ставот на локалните власти по бројните реакции на граѓаните и екологистите дека во градот неконтролирано се сечат здрави дрвја. Властите тврдат дека исечените шеесетина дрвја биле стари и деградирани и дека биле опасни по безбедноста на граѓаните и на објектите.
„Нема ниту едно дрво пресечено, а што не требало да се исече. Исто како во дворот пред училиштето Васил Главинов, каде на местото на исечените десет дрвја посадивме повеќе од сто. Исто и овој пат. За секое исечено дрво ние ќе посадиме десет. Јас како градоначалник сум должен тоа да го санирам и да мислам на безбедноста на граѓаните, рече градоначалник на Велес, Славчо Чадиев.
Наспроти тврдењата на локалните власти пак екологистите остануваат на својот став, исечените дрвја ниту биле стари ниту опасни, напротив тие ја спречувале ерозијата на земјата. Велат дека уништувањето на зеленилото е претерано, па затоа е неоходно да се донесе Закон за јавно зеленило, според кој јасно ќе се знае кој и кога има право да сече дрвја.
„Овој закон беше ветен во предизборниот период и дека ќе биде брзо донесен, но не гледам конкретни најави за негово носење. Многу држави во светот имаат таков закон и сметам дека е редно и кај нас да се донесе. Тогаш ќе се знае кој, што и кога има право да сече дрвја, а не како сега кога никој не одговара пред никого ниту е санкциониран,“ рече претседател на ЕД Вила Зора, д-р Ненад Коциќ.
Од општината најавија дека ќе ги уважат сите укажувања на екологистите, бидејки како што велат тие се нивнен партнер на полето на екологијата./Д.С
