Навечер бесплатен консултативен медицински преглед на плоштад Сармаале
Секоја вечер од 18.30 до 21.30 часот, на медицински пункт кај фонтаната на плоштад Сармаале, по стотина велешани мерат притисок, се консултираат за кардиоваскуларни заболувања и влијанието на летните температури на здравјето.
„Бесплатниот пункт за превентивни прегледи и совети за превенција од високите температури најповеќе го користат повозрасните граѓани. Бројот на прегледи што го правиме дневно во тие три часа изнесува околу 100. Откриваме покачен крвен притисок и веднаш ги препраќаме пациентите во службата за Итна медицинска помош. Таму добиваат соодветна терапија а некој од нив се транспортирани и на интерното одделение во болницата,“ соопшти дежурната медицинска екипа.
Таа е составена од лекар и две медицински сестри. Според најавите од министерството за здравство медицинската екипа на велешани ќе им биде на располагање секоја вечер до крајот на месец јули но, најверојатно и во август.
„Добредојдени ни се советите и препораките што ги добиваме од лекарот како да се справиме со жештината и со хроничните болести од кои боледуваме,“ рекоа граѓаните кои ги затекнавем на пунктот./Д.С
