(ВИДЕО) Бездомник од Велес осомничен за убиството на велешанецот Јован Цилаков
За убиството на деведесет годишниот пензионер, Јован Цилаков од Велес осомничен е велешанецот Зоранчо Д. Четириесет и осумгодишниот маж и признал на полицијата дека го убил старецот за да го ограби. Зоранчо ја следел жртвата, која околу 17 часот седела на клупа во дворот на гимназијата. Штом Јован станал и се завртел со грб бил удрен со камен во главата а кога паднал на земја Зоранчо го удрил уште неколку пати. Потоа го оставил каменот и ги пребарал џебови на раскрварениот старец од кои извадил 200 денари, ги зел и избегал. Каменот со крвта на мртвиот старец беше еден од главните докази на местото на убиството изминатиот четврток.
{youtube}https://www.youtube.com/watch?v=F7lPH0RVRUw{/youtube}
Зоранчо Д бил откриен во полициската истрага што деновиве се водеше. Тој, вчера бил приведен на информативен разговор во полициската станица во Велес, каде рекол дека е бездомник кого таткото го избркал од дома поради расправии и несогласување. Потоа се признал и ги опишал околностите и деталите од убиството по што бил изведен пред надлежен судија на претходна постапка од велешкиот суд кој му изрекол мерка притвор во траење од 48 часа. Синоќа бил однесен во истражниот затвор во Скопје. Полицијата соопшти дека по целосно комплетирање на документацијата за случајот против Зоранчо Д ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело „убиство“./Д.С
