Во чест на двата Илиндена, од Крушево до Пелинце на велосипед
Од Крушево до Пелинце, низ седум града ќе поминат дваесетина велосипедисти од земјава одбележувајќи ги двата Илиндена, 111 години од Илинденското востание и 70 години од Првото заседание на АСНОМ. Рутата од 350 километри не е напорна за младите велосипедсити од Велес кои со голем ентузијазам се вклучија во велосипедскиот караван.
„Не е напорно, ние имаме уште понапорни тренинзи, така да ова не е тешко, рече четиринаесет годишниот Кристијан Ванчевски, член на Младински велосипедски клуб Велес.
„Поминавме низ Битола и Прилеп, преноќивме во Кавадарци, еве сега Велес, па продолжуваме кон Штип. 135 километри поминавме со многу силен дожд, еве сега и во Велес не пречека дожд. Напорно беше по угорниците, ама тоа го поминавме и сега е добро, рече Драган Цветков, член на МВК Велес.
„Кон иднината по стапките на традицијата“ е мотото под кое се одржува велосипедскиот караван. Велосипедистите ги организираше Агенцијата за млади и спорт заедно со велосипедката федерација на Македонија.
„Целта ни е да го популаризираме овој спорт и да вклучиме што повеќе членови во велосипедските клубови, ако не такмичарски барем да рекреативно да возат,“ рече Сашо Ванчевски, секретар на Велосипедска Федерација на Македонија.
„Спортот е општествена активност која на младите им носи само здрави навики за живот и токму тоа е приорите во проектите на Агенцијата за млади и спорт,“ рече Марјан Спасески, директор на Агенцијата за млади и спорт.
Поддршка на велосипедистите денеска им даде и градоначалникот Славчо Чадиев.
„Младината е перспективата на нашиот град но и на нашата држава. Многу се радувам што гледам дека наши деца од градот се дел од овој караван и што токму спортот го одбрале наместо другите пороци,“ рече Чадиев.
Велосипедскиот караван од Велес замина за Штип. Утре треба да пристигне на Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце./Д.С
