Станарите во таканаречените социјални згради во населбата Тунел стравуваат дека ќе останат без покрив над глава

Објавено на 3 август, 2014 во 09:16

Кире Димитриовски e еден од станарите во таканаречените социјални  згради  во велешката населба Тунел кој живее во неизвесност откако не доби одговор од министерството за транспорт и врски. Тој е слепо лице на кое државата му доделила стан. Сега се плаши дека ќе остане без покрив над глава.

„Мислам дека оваа држава не води доволно сметка за социјалните случаи, не знам што ќе биде со нас ако не избркаат, на улица ќе останеме. Цела Европа ќе види како се однесува државата кон нас“, вели Димитриоски.

Тој е само еден од вкупно 144 семејства кои живеат во  трите згради. Тие на почетокот на јуни, годинава, добија решенија во кои пишува дека по цена од 600 евра за метар квадратен мора да ги откупат државните станови или од нив да се исселат.  Станарите пак сметаат дека комерцијалната цена  е за станови од прва а не од трета категорија во која според нив спаѓаат зградите во кои тие живеат. Се жалат дека неможат заостанатата ќирија да ја платат а не да ги откупат становите.

„Воопшто не се изградени по стандарди овие станови, пропуштаат вода во тоалетите, а и далеку сме од центарот на градот. Бидејќи живееме на периферија не знам како може да ни бараат толку пари за нив. Ние немаме пари кириите да си ги платме, а не па да ги купиме“,рече станарот  Цене Давитковски.

„Во зградиве живеат само сиромашни, речиси сите земаат социјална помош, самохрани мајки се или пак лица со посебни потреби болни или пак млади брачни парови. Токму тоа беше и условот за да се добие државен стан“, рече Јагода Давитковска.

Овие згради ги изгради државата и им ги даде становите на користење на граѓани претежно од ранливите категории. Со становите стопанисува државното станбено претпријатие. Директорот вели дека работат согласно законот, а за случајот со социјалните станови нема ништо ново што би можело да се соопшти иако рокот од три недели кој го вети за одговор од министерството одамна помина./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.