Матичните лекари во Велес нема да дежураат во саботите

Објавено на 6 август, 2014 во 13:30

Вака одлучи еснафското здружение откако ја разгледале состојбата на терен. Од таму велат дека дежурство на матичните лекари не е потребно бидејќи Здравствениот дом е добро организиран и ги задоволува потребите на граѓаните. Докторите од дежурните служби во градов лани издале околу 1300 рецепти, за разлика од нивните колеги во други градови, каде не издале ниту еден рецепт.

„Здравствениот дом во Велес е добро организиран и добро функционира. Се користи печат од дежурна служба кој го издава фондот и се издадени многу рецепти од страна на овие лекари. Има градови итните служби воопшто не функционираат, како на пример Тетово, Куманово и Струмица и таму мора да се интервенира бидејќи откривме дека аптеките им велеле на пациентите дека не им важат рецептите од дежурните лекари,“ рече д-р Лили Чолакова Дервишова, претседател на Здружение на приватни лекари.

Во оние градови каде не функционираат дежурните служби, матичните лекари ќе дежураат во саботите, во договор со Здравствениот дом. За дежурсѕтвото установата ќе им плаќа по 800 денари на докторите и по 400 денари на медицинските сестри.

„Ние како здружение сме секогаш расположени за компромисни решенија и конструктивни предлози и мислам дека тоа сме го покажале многупати досега, спроведувајќи ги реформите во здравството,“ рече д-р Чолакова Дервишова.

Сакајќи да бидат во служба на граѓаните, приватните лекари прават напори за зголемување на капитацијата и за воведување на партиципација за пациентите. Тие во септември ќе одржат предупредувачки протест, за да го свртат вниманието на здравствените власти./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.