Велешани летово трошеле помалку вода за пиење и ќе платат помали сметки
Дваесет и пет литри во секунда помалку вода потрошиле годинава во јули во споредба со истиот месец, лани. Мерењата на градското комунално претпријатие, во чиј состав работи и фабриката за преработка на вода, покажуваат дека велешани минатиот месец дневно трошеле по 128 литри во секунда вода за пиење. Тоа е дури 62 литри во секунда помалку од максималната дневна потрошувачка во лето која во градот е забележана како рекордна во лето за време на високи температури и изнесувала 190 литри во секунда.
Намалената потрошувачка на вода според портпаролката на претпријатието Тодорка Андреевска се должи на нешто пониските летни температури.
„Нема потреба од дополнителни разладувања, миење на дворовите и чести полевања на градините. Воглавно тука се прави најголемата заштеда како за семејствата така и на севкупната количина на вода со која располага градот, рече Андреевска.
Велес нема индустриска вода. Граѓаните освен што ова лето ќе платат помали сметки за вода треба да бидат задоволни и од нејзиниот квалитет. Јавното претпријатие, секојдневно повеќе пати, го контролира квалитетот на водата во фабриката за преработка на вода. Месечно, дваесет и четири пати, квалитетот на водата се анализира и во лабораторијата на Центарот за јавно здравје во Велес а неколку пати примероци се носат и во Институтот за јавно здравје во Скопје.
„Досега, резултатите од анализите покажуваат дека нема место за паника ниту забелешки за квалитетот на водата што ја пијат велешани од Хидроситемот „Лисиче“ која се преработува во фабриката за преработка на вода во Велес. Истата е квалитетна и безбедна за пиење,“ рече Андреевска.
Сировата вода која стигнува од браната на акумулацијата во Лисиче во фабриката за преработка во Велес веднаш е подложена на процес на озонирање а тоа значи помала потреба од хлорирање. На тој начин е сочуван квалитетот на планинската вода која ја пијат велешани откако се изградени браната, цефководот и фабриката за преработка на вода, во градот./Д.С
