Ќе се пошумуваат голите ридови околу Велес
Граѓаните ќе треба да се спасат од секојдневното количество на оловно – цинкова и кадмиумова прашина што ветрот ја носи од депонијата со згура. Подигнувањето на шумски појас ќе треба да го спречи загадувањето кое доаѓа од црниот рид зад Топилницата за олово и цинк. Осум илјади садници од багрем и јасен се планира да се засадат пред депонијата. Од Шумското стопанство Бабуна велат дека освен на голите ридови, багремова шума неоходно е да се засади и пред топилничарската депонија.
„На површина од два хектари планираме да посадиме околу 8 000 садници кои ќе бидат доволни да претставуваат еден вид тампон зона со градот“, рече директор на Шумско стопанство Бабуна Горан Наунчев.
Пошумувањето ќе се реализира наесен. Шумското стопанство Бабуна планира да подигне нова шума на површина од скоро 70 хектари. Ќе се пошумуваат сите околни ридови во градот.
„Во нашиот расадник планираме да произведеме околу 300 000 садници. Годинава општата определба на сите надлежни институции е да се пошумат голините околу градот. Акцент ќе се стави на блиските делови. На ридот Вршник ќе се пошумат шест хектари ,а на Свети Илија уште 10 хектари. Напревена е анализа со која е заклучено дека токму баргемот и јасенот најмногу одговараат за пошумување во околината на градот. Се надеваме дека со оваа кација ќе ја смениме малку климата на подобро“, рече Наунчев.
Шумскиот појас пред топилничарската депонија со згура пак ќе спречи преку ветерот континуирано да се носи опасната прашина од ридот со згура во градот./Д.С
