Жолтица се појави и во Велес, но бројката не е загрижувачка
Сепак здравствените работници очекуваат до крајот на годината таа да се зголеми. Сега на инфективното одделение во болницата се хоспитализирани тројца заболени од хепатит А. Инаку од почетокот на годинава регистрирани се вкупно осумина заразени со оваа болест од видот А и еден од видот Б. Еден бил од Кавадарци, тројца од неготинското село Криволак а останатите биле велешани, соопшти и д-р Силвана Мишкова од инфективното одделение на велешката Болница. Во моментов здравствената состојба на болничите пациенти се подобрува.
„Не сме општина со алармантна состојба кога станува збор за жолтицата, но секако дека сме на штрек. Моментално имаме тројца со хепатит А на инфективно одделение, две лица беа регистрирани во март месец, едно во април, едно лице во август и сега имаме четири. Неофицијално како потенцијални лица заразени се јавуваат уште две, но додека не ги испитаме не можеме да кажеме дека имаат жолтица, бидејќи од оваа болест има седум типа,“ рече епидемиологот д-р Билјана Трајкова.
Дел од заразените со жолтица годинава се возрасни луѓе, дел се деца до девет годишна возраст. Меѓу нив има менаџер на фирма, студент и ученик во основно училиште. Од Центарот за јавно здравје велат дека личната и колективната хигиена е една од најзначајните мерки за заштита од заразната болест, како и да се избегнува пиење вода од маалските чешми и бунари.
„Имаме заразани од различни профили, значи комуникацијата е поголема, луѓето патуваат во Скопје, комуницираат и токаш шансите се поголеми да се заразите од жолтица. Затоа е многу значајна и секојдневниот однос, начинот на живот и исхрана, “ рече д-р Трајкова.
Според податоците на Центарот за јавно здравје, претходните две години немало регистрирани лица заболени од жолтица. Во последните петнаесетина години појавата на оваа заразна болест е варијабилна, така на пример пред пет години биле регистрирани 94 лица заболени од жолтица додека пред осум години бројот на заболени изнесувал 48.
Единствено пред тринаесет години била прогласена епидемија кога биле регистрирани над 250 заразени од хепатит А./Д.С
