Ќе се проверува зголемениот процент на малолетничко престапништво во Велес
Малолетниците во Велес годинава сториле 106 отсто повеќе прекршоци во споредба со лани. И на државно ниво е повисок процентот на малолетничко престапништво. Годинава 19 отсто повеќе од лани.
Деведесет и четири отсто од малолетниците против кои биле поднесени кривични пријави се деца од комплетни семејства и тоа според претседателот на државниот Совет за превенција на малолетничко престапништво, е загрижувачка бројка. За ваквата состојба треба да се бара објаснување и од родителите кои најчесто не им посветиле доволно време на малолетните деца.
Податоците кои се содржани во годишниот извештај, на државниот совет, ги дале институциите кои ја следат состојбата со малолетничото престапништво во градот како полицијата, Центарот за социјални работи, судот и обвинителството. Претседателот на државниот Совет , Миле Гиновски, вели дека ги обработиле според седумнаесет стандардизирани европски параметри.
„Тоа се податоци на званични и компетентни институции во државата. Денеска ние расправавме за овие податоци на состанок со членовите на локалниот совет. Има мала разлика во податоците што ги добивме од Центарот за социјални работи во однос на податоците од полицијата. Тоа е во делот на кривичните пријави. Ако навистина станува збор за грешка ние сме подготвени да ги исправиме и јавно да информираме за тоа,“ рече Гиновски.
Според преставниците на полициската станица во Велес статистиката годинава покажала дека за 17 отсто е намален бројот на кривичните прекршоци. Претседателката на локалниот совет за превенција, Нада Трајкова, соопшти дека најверојатно во процентите на државниот Совет се вкалкулирани сообраќајни прекршоци во кои учесници се малолетници во Велес.
„ Тоа како што истакнаа од полицијата се должи на акциите за не носење на кацига или возење на моторно возило без сообраќајна дозвола. Инаку сметаме дека состојбата во Велес воопшто не е алармантна и дури за разлика од минатите години има пад во делот на кривичните дела,“ рече Трајкова.
Локалниот совет во кои членови се и преставници од полициската станица и центарот за социјални работи уште еднаш ќе ги проверат првичните податоци. Потоа ќе ги препрата до државниот Совет. На денешниот состанок исто така беше договорено кога се во прашање младите луѓе да се продолжи со превенција на сите полиња и да се поттикнат родителите да пронајдат време за своите деца./Д.С
