И на Велес му треба дом за грижа на стари и изнемоштени лица

Објавено на 24 септември, 2014 во 12:14

Велес е еден од малкуте поголеми градови во Македонија кој нема дом за грижа и нега на стари лица. А потребата од ваква институција е голема. Неколку десетици стари лица имаат потреба од сместување. Дел од нив се обиделе и се згрижени во дом во Скопје, Неготино и Прилеп но поголем број не успеале бидејќи сите места биле пополнети.

„Голема штета е што Велес, град со педесет илјади жители, нема дом за нега на стари лица. Бројот на оние кои имаат потреба е се поголем. Не е во ред што некогашниот дом наместо за стари лица стана хотел, а потоа му беше ставен и клуч. Мислам дека треба да се стори нешто и во градот да се отвори ваква институција,“ вели велешанецот Илија.

Тој и неговите пријатели од пензионерското здружение секојдневно по неколку часа се дружат седејќи на клупите во малиот парк. Таму разговараа и на оваа тема бидејќи староста и особено делот од животот кога се останува без брачен другар неодминливо ја прави актуелна.

„Зошто да им бидам товар на децата. Јас ги сакам и нив и внуците но тие си имаат свои животи и треба да ги живеат. Кога би имал можност, во мојот роден град, јас би се издвоил и сместил во дом. Се што ми треба сега е топол оброк, грижа околу хигиената и лекар,“ рече велешанецот Лазо.

Во Велес, меѓу првите во државава, се изгради современ дом на брегот на реката Вардар кон крајот на осумдесетите години на минатиот век. Средствата ги обезбедија Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и организацијата на борците од НОВ. За тогашни услови тоа беше современ дом со капацитет од сто легла.

Но, набрзо по изградбата се смени првичниот план па еден дел од објектот функционираше како домот за грижа на стари и изнемоштени лица додека останатиот, поголем дел прерасна во хотел.

„Тоа таму е завршена приказна. На градот му треба нова која ќе ги прифати заинтересираните стари граѓани. Ќе им го олесни начинот на живот и ќе ги растовари нивните семејтва од обврските. Во институцијата ние ќе се збогуваме со осаменоста бидејќи како што денеска седиме и неколку часа разговараме во паркот тоа ќе можеме да го правиме повеќе часови во домот,“ рече Анѓел.

Овие стари лица се надеваат дека локалната власт ќе има разбирање за нивното барање. Очекуваат набрзо да слушнат дека се превземаат конкретни мерки за обезбедување на објект и сретства за отворање на институцијата. За дел од старите лица возможно е тоа да го стори и приватен инвеститор но само ако цените за сместување бидат реални и одговараат на материјалната состојба на пензионерите. Особено на висината на пензиите, велат овие стари луѓе./С.А

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.