Алармантна состојбата со користењето на антибиотиците во Македонија
За единаесет проценти е зголемена потрошувачката на антибиотици во земјава за првите шест месеци годинава. Македонските граѓани се почесто ги земаат на своја рака, па наместо да лекуваат, антибиотиците само ја зголемуваат отпорноста кај бактериите. Лани лекарите издале дури еден милион и седумстотини илјади рецепти со препишани антибиотици, а годинава се очекува оваа бројка да се искачи на два милиони. Овие податоци ги алармираа надлежните инситуции кои почнаа кампања за рационална употреба на антибиотиците.
„Целта на кампањата е да се зголеми свеста кај здравствените работници и граѓаните како пациенти за непотребната примена на антибиотиците, кои се само магични лекови и делуваат само на бактериски инфекции и соодветно треба да бидат применувани. Во спротивно развиваат механизми на адаптација кај бактериите кои доведуваат до отпорност на антибиотиците. Тоа може да значи дека за одредена сериозна инфекција да не постои лек, рече прим. Д-р Голубинка Бошковска од Институт за јавно здравје.
Со честа употреба на антибиотиците, расте отпорноста кај бактериите. Особено алармантна е состојбата во болниците, информираат надлежните.
„Кога бактеријата станува отпорна тоа е опасно за вас но и за останатите пациенти кои лежат во болницата и за сестрата и докторите кои можат да ја пренесат и да ја прошират. Отпорните бактерии се шират преку луѓето. Тие не познаваат граници, рече Никола Пановски, професор по микробиологија во Институтот на Медицински факултет во Скопје.
Потрошувачката на антибиотици во Македонија е за дваесет проценти поголема во однос на Словенија, а двојно повеќе од Данска. Во земјава најмалку антибиотици користат Крушевчани а највеќе жителите на Пробиштип.
„Апелирам пациентите да внимаваат какви лејкови користат, да не ги земаат на своја рака, бидејќи свесн и сме за штетните последици од нив. Затоа е најдобро антибиотици да се земаат секогаш во консултација со матичните лекари, рече Кристина Христова од Фонд за здравствено осигурување.
Кампањата се спроведува со поддршка на Светската здравствена организација и Владата на Белгија. Освен во Велес ќе се спроведува уште во десет градови низ земјава./Д.С
