Вгодина ќе се знае дали во Велес ќе се отвори втор дневен центар за лица со посебни потреби

Објавено на 26 септември, 2014 во 14:40

Каде ќе се отвори уште еден дневен центар за лица со посебни потреби во Велес , ќе се знае до крајот на наредната година. Постојат две алтернативни локации, старата зграда на велешкиот тетатар или дел од просториите во центарот за вработување, најави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Министерството има намера да отвори уште еден дневен центар и во моментов врши проценка на евентуалните трошоци за отворање на ваков центар.

„Со оглед на фактот дека буџетот за 2015 година е ограничен и нема простор да се инвестираат огромни средства за дневен центар. Но во рамките на буџетот кој што ни е обезбеден ќе го одбереме најсоодветното решение. Театарската зграда е поголем објект а можеби нема потреба за толкав објект, па затоа до крајот на наредната година ќе го дефинираме просторот во кој ќе се инвестира за отворање на дневен центар, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Идејата за уште еден дневен центар кој би го користеле сите лица со посебни потреби од градот е на локалните власти, кои изјавија дека планираат старата театарска зграда, откако вработените ќе се преселат во новата, да ја искористат за уште еден дневен центар.

Инаку веќе неколку години во Велес функционира еден дневен центар за деца со посебни потреби./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.