Велешката „Питијада“, за гурманите кои знаат што е пастрмајлија и љубителите на добро вино

Објавено на 30 септември, 2014 во 11:29

Во знакот на традиционалната велешка пaстрмајлија и виното наредниот викенд ќе се одржи единаесетата по ред велешка питијада. Пастрмајлии подготвени според традиционален рецепт, квалитетно вино и манифестација збогатена со песна што ќе ја изведат македонски изведувачи. Единствени гости од странство се хрватскиот рокен рол состав „Прљаво казалиште“ и ѕвездата на „Икс фактор“ Маид Хечимовиќ. Триесетина производители на пита и винарии од регионот ќе учествуваат на Питијадата, но повикот се уште е отворен, велат организаторите. И годинава белег на питијадата ќе биде најголемата пита направена од велешките производители.

„Питијадата е манифестација која има за цел да го задржи и промовира велешкиот бренд а тоа е питата, која надалеку е позната по нејзиниот вкус. Интересот за учество на оваа манифестација година е многу поголем како од производители на пити, така и од винарии затоа што питата и виното секогаш одат заедно. До сега има пријавено 30-тина учесника од Велес и регионот, прозводители на пити и винарии. Учесниците од регионот се винарии од општините од Вардарскиот плански регион. Бројката на учесници сеуште е отворена и подготвени сме да обезбедиме штанд за секој учесник,“ рече градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.

Годинешната Питијада ќе биде збогатена и со бројни естрадни уметници и групи. Освен хрватската рокен рол група „Прљаво казалиште“ и ѕвездата од регионалното шоу „Икс фактор“ Маид Хечимовиќ сите музички гости ќе бидат од домашната естрада.

На првиот ден од манифестацијата, гостите во вечерните часови ќе ги забавуваат естрадните уметници Миле Кузмановски, Нино Величковски, Наум Петрески и Блага Петреска, заедно со групите Виртус и Академци. На втората вечер ќе настапат Маид Хаќимовиќ, групата Ареа, и хрватскиот бенд Прљаво казалиште.

И во недела на сцената ќе се појават македонските пејачи Тарабунов, Дани и бени Шаќири. Преку ден гостите ќе ги забавуваат и велешките естрадни уметници и културно уметнички друштва. Организаторите ветуваат одлична забава.

„Ја користам оваа прилика да ги повикам сите граѓани на Велес и од другите градови да ни се придружат на оваа манифестација која од година во година станува се помасовна, бидејќи има навистина што да се види,“ рече Чадиев.

И годинава питијадата ќе се одржи на старата локација. Штандовите ќе бидат поставени пред кафетериите, на потегот од Гимназијата до последната кафетерија. Сообраќајот ќе се одвива по изменет режим.

„Имаме изработено проект за времено регулирање на сообраќајот. Тоа значи дека ќе биде затворен до Круг, паркингот ќе биде ослободен, а сообраќајот ќе се одвива преку Авона,“ рече Чадиев.

Се поголемиот број на учесници на Питијадата од година во година ја наметнува потребата од нова поголема и соодветна локација за нејзино одржување. Организаторите се надеваат дека в година тоа и ќе се оствари.

Велешани ја организираат манифестацијата со цел да ја сочуваат традицијата долга 145 години на подготвување на пастрмајлии во градот./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.