Гимназијалците и основците спортуваа а велешани уживаа од глетката во Младински парк
Под мотото „Да спортуваме е здраво“ денеска младите велешани ја одбележаа неделата на движењето. Под будното око на професорите по физичка култура и инструкторите , во Младинскиот парк, вежбаа аеробик, зумба и пилатес. Се движеа по ритамот на музиката, се смееја и уживаа. Не останаа рамнодушни ниту случајните минувачи кои застанаа да гледаат како младите преку фитнес активности се грижат за сопственото здравје.
„Целта на кампањата е да ја подигнеме свеста за што повеќе спортување, да ги избегнеме ризиците од современото живеење, да ги отфрлиме лековите и медикаментите и да излеземе во природа и да вежбаме. Само така можеме да оформиме здрави луѓе со здраво тело и здрав дух, рече професорот по физичка култура Петре Петрушев.
Пилатесот, зумбата и аеробикот стануваат популарни не само кај младите туку и кај возрасните, велат инструкторите. Велешани се меѓу првите кои активно вежбаат и се грижат за своето здравје.
„Ова ни е втора година како на овој начин ја одбележуваме неделата на движењето која ја организира Федерацијата на рекреативни спортови и можам да ги пофалам в елешани бидејќи масовно се приклучуваат и вежбаат. Се надевам дека ова е само еден почеток за наше дружење во иднина, рече Кети Матеничарска, инструктор по фитнес.
Втора година гимназијалците и основците од Велес ја одбележуваат меѓународната недела на движењето./Д.С
.
