По втор пат годинава цутат вишните на семејството Гелеви

Објавено на 1 октомври, 2014 во 14:20

На крајот на септември повторно расцутија вишните во овоштарникот на семејството Гелеви. Втор пат годинава на родните дрвја, стари помеѓу три и четири години во населбата Речани, има пупки и цветови. Цутењето се случува само кај овој вид на дрвја и тоа кога од нивните крошни веќе се паднати сите лисја.  Гелеви кои дваесет и шест години одгледуваат по неколку кајсии, јаболка, круши и друг вид на овошје, велат дека во нивниот мал овоштарник за првпат се случува во една година дрвца два пати да цутат.

„ Изненадени сме бидејќи досега вакво нешто не се случило. Јас не сум агроном и не можам стручно да ја протолкувам оваа појава. Кога минатата недела ги забележавме цутовите се потсетив  на зборовите што ги слушав од моите двајца дедовци кои доживеаја старост од деведесет години. Бев сеуште дете, инаку потекнувам од светиниколскиот крај, а моите дедовци раскажуваа како во рана есен се случувало да дојде до повторно расцутување на дрвцата кај тогашните сливи кои тие ги одгледуваа. Ја карактеризираа како појава пред  да се појават  утринските слани. Еден од моите дедовци тогаш предвидуваше дека ќе ни претстои долга и студена зима. Другиот пак велеше дека тоа е појава предизвикана од големите разлики помеѓу дневните и ноќните температури,“ рече Петко Гелев.

Сега и тој е убеден дека годинешното второ  цутење на вишните во неговиот овоштарник го предизвикала токму големата разлика помеѓу дневната и ноќната температура што ја имавме во изминатото дождливо лето./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.