Патот Велес – Штип се гради со кршениот камен од фабриката во Превалец
Тоа е камен што се обработува во поранешната фабрика за вар во Превалец која сега е сопственост на компанијата УС „Констракшан“ од Куманово. Секој ден, веќе три месеци, во фабриката се товараат и заминуваат на градилиштето од 20 до 30 камиони. Досега компанијата има испорачано повеќе од 60.000 тони кршен камен, туцаник кој е неопходен за изградбата на оваа сообраќајница.
Покрај за автопатот Велес- Штип компанијата секојднвно испорачува камен и за изградбата на индустриската зона „Каласлари“ каде што во пол ек е изградбата на фабриката на германска компанија. Таму веќе е испорачана количина од 40.000 тони.
Каменот го обработуваат четириесет работници и најголем дел живеат во Превалец. „Склучените договори со повеќе градежни компании се причина за активирање на производствениот процес, отворените работни места, редовната исплата на плата со платени придонеси,“ велат менаџерите на “Констракшн“.
Фирмата продолжи и со производството на вар. Договорот склучен со фабрика во Косово овозможи секојдневна ископрака по еден камион или досега 1.000 тони на вар од вкупна договорена количина од повеќе илјади тони.
Редовното производство ја наметна потребата од вложување и во заштита на животната средина, констатираа менаџерите. Тие велат дека со изградбата на двата пречистителни базена во кои се таложи варта уште пред неколку години го запреле загадувањето на реката Тополка и сега планираат изградба на трет, најголем базен. Едно од наредните планирани вложувања е и порибувањето на реката, на делот од Превалец до вливот во Вардар, што ќе го сторат во соработка со спортско риболовното друштво „Бабуна“. /С.А
