Фризери, таксисти или угостители најчесто избрани занимања за самовработување во Велес
Младите невработени велешани отвораат сопствени бизниси со парична помош на државата. Најчесто избираат да бидат угостители или занаетчии. Како почетници во бизнисот тие се фризери или таксисти а некој се одлучле за пицерии или сендвичари. Со бенефициите кои ги нуди државата мораат да минат низ обука во Агенцијата за вработување каде учат како да го реализираат својот бизнис план. Потоа добиваат финансиски средства од државата и започнуваат со работа.
Василка Ристова од Агенцијата вели дека голем дел од нив успешно го започнувале и воделе својот бизнис.
„Можам да кажам дека повеќе од педесет проценти од нив го продолжуваат својот бизнис и откако ќе помине законскиот рок и поддршката од државата. Ова се покажува на терен бидејќи секоја година одиме на контрола. Тие се доволно мотивирани, така да наредната година можат да вработат уште едно лице и за него од државата да земат три илјади евра, рече Ристова.
Преку едукација на младите луѓе, Агенцијата за вработување учествува во проектот „Одбиј работа на црно“што го реализира министерството за труд и социјлна политика заедно со агенциите за привремено вработување. Целта на овој проект е да ја подигне свеста кај младите да не прифаќаат работа без платени придонеси.
„Да се влијаат врз свеста на младите да не влегуваат во неформалната економија и да се запознаат со основните права од работниот однос, со правата од областа на безбедноста и правата при работа. Оваа година на едукација ќе подлежат и професорите и младите средношколци од завршните години за да сфатат колку е важно да не прифаќаат работа без склучен договор, рече Елеонора Јовановиќ од министерство за труд и социјална политика.
Кои се нивните права според законот за работни односи и како да добијат минимално работно искуство преку сезонска привремена работа во лето, средношколците од трета и четврта година се запознаваат од Агенциите за привремено вработување.
„Значајно е младите да се запознаат со договорот за вработување, бидејќи при секое ангажирање на младите треба да склучуваат договор со работодавачот и комплетно да бидат вклучени сите институции,“ рече Љубица Теовска Крствеска од Агенција за привремени вработувања „Партнер“.
Кампањата „Одбиј работа на црно“ се спроведува четврта година по ред./Д.С
