На Којник, во дворот на Нешови, зреат сирките
Единственото дрво со сирки во градот и годинава е преполно со род. Гранките се навалени од тежината на плодовите, кои наликуваат на урми. Гостопримливите домаќини ви берат и честат со сирки што кога ќе ги пробате добро ќе ве подзамислат се додека не го откриете вистинскиот вкус.
Над пет децении старото дрво ви открива неверојатна глетка. Неговата крошна онака полно со плодови е убава за гледање и во исто време интересна поради приказната што ќе ја слушнете од семејството Нешови.
„Тоа е стебло што израсна само од себе на десеттина сантиметри од стариот ќутук кој го наследивме со купувањето на куќата. Забележавте дека тој е исечен скоро до земја. Татко ми, којничкиот фурнаџија Ѓоргија, ја купил оваа куќа од нејзините претходни сопственици во 1878 година. Долги години потоа никој од семејството, јас и моите две сестри, не обрнувавме внимание се додека новото стебло само не почна да расте. Тоа секоја година околу 10-ти јуни расцутува, во текот на летото врзува плод и некаде во септември сирките веќе можат да се јадат. Нивниот вкус потсетува на урми,“ вели Димче Нешов.
Кога Нешови ја купиле куќата на Којник имало сирки и во останатите маала и сокаци. Но граѓаните ги исекле. Така дрвото во нивниот двор станало единствено. Потоа многумина од семејство и пријателите во Велес се обиделе да засадат гранки од ова сирката на Нешови во своите дворови. Но не се зафатила на ниту едно друго место. Димче вели дека не знае зошто таа не успева надвор од неговиот двор.
„ Навистина не ми е јасно зошто дрвото сака да расне само во нашата мала градина. Се сеќавам дека како дете, ме носеа на второмајски излет на Бабуна, каде единствено на друго место имам видено дрво сирка. Тоа раснеше во близина на реката но таму одамна не сум бил и незнам да ви кажам дали уште вирее,“ вели Димче.
Тој открива дека последниве години повеќемина велешани донеле калеми од Дојран и ги засадиле во Велес. Но нивниот плод не е ист со сирките во неговиот двор.
И токму поради тоа што е единствено во градот Нешови одлучиле да го сочуваат дрвото. Сирката им возвраќа на вниманието скоро секоја година со сенката во лето, плодовите во есен и автентичната глетка низ годините. Особено кога дрвото го гледате од дворот кон старата дрвена порта./С.А
Стариот корен на дрвото во куќата на Нешови
Крошна од самоизникнатото стебло на Сирка
Единственото дрво Сирка во Велес, во дворот на Нешови на Којник
