Жителите од населба Речани бараат да им се направи улицата за да не ја носат калта в град
Преку дупки полни со вода секојдневно минат жителите од населбата Речани. Гумените чизми се задолжителните обувки на овие граѓани кои газат по кал и во вода, која некогаш е висока дури по дваесет сантиметри. Уште полошо е велат кога интензивно врне неколку дена, па тогаш улицата не се познава. Повеќе пати досега се обратиле кај локалните власти, но од таму не им помогнале.
„Се давиме во вода. И ова не е ништо, кога врне тогаш има езерце наместо пат. Никој не помага, а гласовите им се битни. Потоа никаде ги нема. Катастрофа, да си купам едно кајче и да си веслам, само што не можат да пеам, бидејќи само тоа ни преостанува“, рече Руска Стаменковска.
„Како се снаоѓаме, со чизми секој ден, ќе ги оставиме кај соседите на почетокот на населбата, ќе си ги облечеме чевлите и продолжуваме, што да правиме. И колите ги искршивме. Ако тргнеме во град со чизми калта од Речани во центар ќе ја однесеме“, рече Трајче Миров.
Со години наназад жителите на Речани се соочуваат со овој проблем. Не само што газат по вода и ги кршат колите во дупките, тие не можат да повикаат ниту такси. Бараат од надлежните што поскоро да им го направат патот.
„Да ги затворат дупките, толку само бараме. Вака повеќе не можеме да одиме. Дојдоа за изборите ставија гребен асфалт до некаде и кога заврна првиот дожд го однесе. Толку беше“.
„Кога можеме ние да плаќаме комуналии и да се водиме како урбанизирано место, тогаш треба и улицата да ни се направи. Сами канализација спроведовме, сега треба и патот сами да го асфалтираме. Таксистите не идат, велат не ни се исплаќа кога веднаш потоа треба да ја носи колата на перење,“ рече Василина Крстева.
Општинските власти знаат за проблемот со патот кај Речани. Од таму велат дека побарале од Јавното претпријатие за државни патишта одредена количина гребен асфалт,што се користи при изградбата на автопатот. Доколку барањето се одобри ќе се истапонира оваа улица и времено ќе се реши проблемот. Потоа според проектираните планови ќе се пристапи кон целосно решавање на проблемот. Сепак од жителите на Речани побараа да поднесат официјално барање до општината./Д.С
