Велешани, наместо во Врање стигнале само до Табановце

Објавено на 25 октомври, 2014 во 13:27

Велешанец тргнал да ги посети роднините во Врање, но стигнал само до граничниот премин Табановце. На Сејат Зекиров службеник на границата не му дозволил да излезе надвор од Македонија затоа што со себе не носел 300 евра. Наместо во Врање во посета на снаат и внуците Сејат, синот и снаата со такси се вратиле назад за Велес. „Само сакав да ги видам роднините и да го посетам гробот на брат ми, на чие погребување не бев бидејќи тогаш немав пари. Кога собрав стотина евра не ми дозволија службениците на граничниот премин,“ разочарано вели Зекиров

Овој  четириесет и седум годишен велешанец раскажа како со месеци се подготвувал за ова патување. Штом собрал пари, земал одмор од работа, купил повратни билети, ги земал патните исправи и тргнал на пат. Но неговото патување наместо во Врање завршило на Табановце. Сејат вели дека е повреден од односот на државата бидејќи со ништо не придонел за третманот со кои се соочил.

„Сакам да знам зошто ми го направија ова, да знае Владата. Оти сме Роми затоа ли ме вратија, значи ние ромите немаме никакви права. Зошто тогаш ми дадоа пасош, нека не ни даваат. Значи не тепаат а не ни даваат да плачеме. А кога има избори не викаат, не собираат да гласаме, тогаш добри сме, срамота е ова,“ рече Зекиров.

На Сејат ова не му било прво патување за Врање. Досега никогаш немал проблеми. Сега посакал да ги види внуците бидејќи брат му починал неодамна, но воопшто не помислил дека ќе го снајде вакво нешто.

„Сакав да ги видам снаата и внуците од брат ми. Тој почина, не му бев на погреб оти не можев да отидам, сега сакав барем гробот да му го посетам. Но не успеав, многу ми е мака, нека знаат сите што ми се случи,“ рече Зекиров.

Тој себе си не се смета за криминалец, вели дека никогаш немал проблем со законот па затоа сега за обесправеноста правда ќе бара на суд./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.