На Петковден граѓаните ги посетија верските храмови посветени на светицата Петка
Црквичката посветена на светицата Петка, во близина на манастирот „Свети Димитрија“, денеска ја посетија голем број на граѓани. Традиционално овој верски објект е најпосетен од велешани на празникот Петковден. Во него верниците доаѓаа да запалат свеќа и изразат почит на Света Петка за здравје и благосостојба.
Многу мајки денеска ги донесоа своите штотуку родени деца во црквата. Кажаа молитви за заштита од болести. Верскиот објект го посетија и возрасни граѓани.
„ Се помолив за здравје, особено за видот со кои имам проблеми. Запалив свеќа и се молев за здравје, за мене, за моите деца и внуци,“ рече велешанката Марика.
Таа заедно со соседките до црквичката, оддалечена од градот околу 3 километри, стигнаа пеш. Нивниот пример го следеа многу велешани додека граѓани од Скопје и од вардарскиот дел на државата, кои случајно минеа по патот што се користи за излез од Велес кон Неготино и Кавадарци, ги запираа автомобилите за да го посетат верскиот објект.
Одбележувањето на верскиот празник Петковден во Велес започна од вчера вечер. Жители на улицата „Богдан Каракостев“ кај параклисот посветен на Света Петка се собраа заедно со свои пријатели и поканети гости за да присуствуваат на литургијата што ја одржаа свештеници на Повардарската Епархија. Дел од нив имаа и домашна слава а дел затоа што го носат името на светицата./Д.С
