Претпазливо со грипот, предупредуваат епидемиолозите

Објавено на 29 јануари, 2015 во 14:25

Во јануари вообичаено се зголемува бројот на граѓани болни од грип. Но не е така и годинава кога податоците на Центарот за јавно здравје покажуваат дека само 14 велешани побарале лекарска помош од ова инфективно заболување.  Толку барем граѓани се евидентирани од почетокот на годината што побарале лекарска помош во амбулантите на инфективното одделение во болницата.

Но за епидемиолозите нема временски период во зима кога граѓаните ќе заболат или ќе се појави епидемија. Според доктор Билјана Трајкова, грипот може да се појави во сите месеци од зимата.

„Од први јануари досега се евидентирани само 14 лица заболени. Тоа е мал број ако се земе во споредба со лани кога во јануари имавме дури 280 лица заболени од грип. Меѓутоа во понатамошниот период очекуваме овој број да се зголеми. Има респираторни инфекции но не се окарактеризирани како грип“, рече д-р Трајкова.

Имунизацијата со вакцините против грип е најсоодветна превенција од ова инфективно заболување вели д-р Трајкова.  Но оние кои не се вакцинирале можат да се заштитат со консумирање на поголеми количества овошје и зеленчук, пиење топли напитоци, редовно проветрување на просторијата и избегнување масовни собири.

На стартот на сезоната илјада и сто граѓани ја примиле вакцината против грип. /Д.С.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.