Николовски не можат да ги користат донираните пари од граѓаните поради блокираната сметка за радиодифузна такса

Објавено на 31 јануари, 2015 во 13:38

Повеќе не е темно во домот на браќата Стојан и Младен Николовски,на улицта „Орце Шутев“ бр 10 во Велес. Сијалицата засвети и двете лица со посебни потреби повеќе нема да се плашат од темнината. ЕВН им пушти струја откако  соседи ги платија сите заостанати сметки. Дими и ќумкот и покажува дека во една од собите во трошната куќарка е топло, прв пат зимава, откако шумското стопанство им донираше два метри кубни дрва. И покрај тоа што димот ја полнеше собата, во која нема оџак туку ќумците директно излегуваат од ѕидот, сепак внатре е топло. Но, благодарение на фирмата „Клепа“ од денеска новите ќумци целосно ќе го соберат димот и на Стојан и Младен ќе им биде потопло.

„Сега останува да побараме помош од ЈКП „Дервен“ каде Николовски имаат долг од 27 илјади денари. Навистина не ни е јасно како нивните месечни сметки изнесуваат 770 денари и како двајцата браќа потрошиле толку вода но, сепак како нивни соседи сакаме да замолиме претпријатието да им помогне. За жал ние не можеме да собереме толку пари за да го платиме и овој долгот,“ рече соседката Драгица Бошкова.

Таа заедно со останатите жители на улицата „Орце Шутев“ ја поттикнаа заедницата на помош за овие две лица со посебни потреби. Николовски добија пакети со храна, хигиенски сретства и облека од многу граѓани. Сега нема каде да ја сместат бидејќи малиот фрижидер не ја собира и не работи добро.

„Добро би било доколку има граѓани кои имаат фрижидер, електричен шпорет и машина за перење што не ги употребуаат да им ги подарат на Младен и Стојче. Нивните одамна се расипани. Ниту еден од нас, соседите, нема таков домакински апарат за да им подари. Ние дониравме кауч, други јоргани, постелнини, кебиња и облека. Од парите што им ги донираа добронамерни луѓе им купивме веш и облека што им недостасуваше. Многу хумано ќе биде ако интерес  за овие двајца мажи покажат трговските ланци кои продаваат бела техника и домаќински апарати. Верувајте дека ќе направите добро дело бидејќи тие не можат да се исперат, немаат на што да си стоплат или подготват храна, да ја чуваат количината што им е донирана,“ рече Бошкова.

Сега таа вели дека е задоволна од покажаниот интерес на Центарот за социјални работи. Таму започнала постапка за преиспитување на состојбата со наследната пензија од таткото на Николовски. Но, додека се не заврши на овие две лица со посебни потреби им е потребна помош од граѓаните. Тие без пензијата живееле една деценија. Деновиве, двајцата браќа се израдуваа на трите илјади денари што ги добија како помош од општина Велес но не можат да ги извадат од штотуку отворената трансакциска сметка затоа што државата веднаш откри дека и должат пари за радиодифузна такса. Сметката на Младен е блокирана./Убавка Јаневска

Соседите уште еднаш упатија апел за помош на Николовски. Сите добронамерни граѓани што сакаат да им помогнат можат да уплатат сретства на трансакциската сметка на Младен Николовски со број 210501685274654 во НЛБ Тутунска банка.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.