Тимот за одговор при катастрофи е на готовс
Тимот за одговор при катастрофи, составен од дванаесетина волонтери на Црвениот крст во Велес, е подготвен да интервенира на загрозени места во случај на поплави. Чека на повик од националната хуманитарна организација во чии редови дејствува. На готовс се спасувачите на вода, планинарите, лицата задолжени за прва медицинска помош, за логистика, искусните кајакари кои се дел од тимотот. Овие доброволци располагаат со скромна опрема што ја сочинуваат кајаци, елеци за спасување, гумени чизми, прва помош, шатори, но и покрај тоа велат ќе дадат се од себе да помогнат онаму каде што треба.
Во тимот се и професорите по физичко воспитување Петре Петрушевски и Иле Попов, специјализирани за безбедност на вода и на планина. Нив и останатите доброволци, граѓаните минатото лето често ги гледаа како се подготвуваат на велешко езеро. Сега велат ако затреба ќе ги применат искуствата во поплавените подррачја во државата.
„Ние како тим сме подготвени но секако алармот можат да го притиснат само луѓето од Црвен крст. Од таму ако ни речат дека треба да одиме и да интервенираме, ние сме подготвени. Во такви ситуации акцентот најмногу го ставаме на човечките ресурси. Секогаш најпрво притекнуваме во спасување на човечки животи а потоа и на материјални добра, рече професорот Петрушевски.
Штом невремето предизвика излевање на реки и поплави во населени места во државата велешкиот Црвен крст веднаш ги повика доброволците од тимовите за одговор при катастрофи. Ја проверија опремата што ја имаат, распоредот за интервенции и групите во кои што интервенираат. Следеа и контакти со Центарот за управување со кризи. Од таму се надополнува опремата која недостига.
„Составивме тим од дванаесет доброволци кои се изјаснија дека на Црвениот крст му стојат на располагање дваесет и четири часа. Од централната канцеларија на Црвен крст требувавме опрема и сега во состојба на готовс очекуваме повик од нив. Освен на подрачјето на општините Велес, Чашка и Градско по потреба овој тим ќе спасува каде што е потребно поточно таму каде што нашата централна канцеларија на организацијата ќе каже дека има потреба. Исто така во постојана комуникација сме со општина Велес каде знаат дека можат да го побараат и активираат овој тим доколкуод него има потреба,“ рече секретарот на велешката организација на Црвен крст, Миле Маџаров.
Тој вели дека имаат разработен план на дејствување според кој најмногу за четириесеттина минути тимот за одговор при катастрофи тргнува на загрозено место.
Поплавите што се случија деновиве во повеќе делови на државата сепак не можат да се споредат со ланските во соседството. Затоа, вели генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити досега не интервенираа овие тимови. Според него оранизацијата сите свои ресурси ги насочи кон обезбедување на храна, хигиенски сретства, кебиња и вода за настраданите граѓани од поплавите во Македонија.
„Помагавме со делење вода, храна, хигиенски сретства, кебиња во општините Чешиново – Облешево, во Радовиш,Струмица, Штип, Битола и Прилеп. Во последниов град помагавме при евакуација на шеесет семејства. Ним и на останатите,с ега засега, највеќе им треба вода. Затоа преку соопштенија се обративме до граѓаните, институциите и фирмите. Секоја поголема донација ја прифаќаме во магацините на Момин поток во Скопје. За помалите донации се задолжени општинските организации на Црвен крст. Таму треба граѓаните да ја донираат својата помош. Исто така отворивме и солидарни жиро сметки за парични прилози, рече Саити.
Тој нагласи дека функционирајќи во државно координативно тело, заедно со владата, министерставата и државните институции, постојано ја следат состојбата на терен./ Даниела Саздова
Сите граѓани и институции кои сакаат да донираат за погодените од поплавите тоа можат да го сторат на солидарните жиро сметки:
Фонд на солидарност 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка
Донирање на 100 денари со повик на телефоните: 075/070/ 077 143 400
