Хумани велешани им подарија електричен шпорет на сиромашните браќа Николовски

Објавено на 4 февруари, 2015 во 17:19

Браќата Стојан и Младен веќе има на што да ја затоплат храната, да подготват чај или кафе. Од денеска во скромниот ходник на нивниот дом е поставен електричниот шпорет што тие го добија од хумано семејство во Велес.Електричниот  апарат за домаќинство е поставен на местото на кое со години стоеше мини шпоретчето кое не функционираше. Поради дефектот, Стојан и Младен, скоро една деценија немаа вкусено топол оброк. Затоа сега се среќни за шпоретот кој со години стоел не употребуван во домот на едно велешко семејство.

„Да, ја стопливме храната што ја земаме од црковно народната кујна. Многу е по вкусна, топла е. Знаете ли од кога не бевме каснале топла манџа. И ние не паметиме кога точно беше тоа. Многу фала на луѓето што ни го подарија шпоретот, “ рече Стојан.

На лицата на двајцата браќа сега може да се забележи и насмевка. Тие повеќе не бегаат и не се кријат кога во нивниот дом ќе дојдат луѓе кои не ги познаваат. Разбраа дека има и добронамерни граѓани кои сакаат да им помогнат што им влеа надеж дека не се сами, дека не мора да страдаат за  леб или да живеат во мрак, велат нивните соседи. Досега Стојан и Младен само нив им веруваа, единствено кај нив одеа откако останаа сами, по смртта на татко им, пред десет години.

„Бидејќи во оваа куќа немаше струја ние ги викавме и тие доаѓаа кај нас, да се згреат и да поседат. Сега и нам ни се отвори нивната врата. Многу се среќни кога ќе им дојдеме дома. Откако им стигнаа првите пакети со храна, па дрвата и кога светна сијалицата па и го запалија ќумбето кое им ја стопли собата, едноставно живнаа. Многу се израдуваа кога дојдоа работниците од Клепа и им го поправија ќумкот па сега димот не им смета додека седат во кујната. Ги гледав како го примија велешанецот кој им го подари електричниот шпорет и сватив колку мали нешта му требаат на човек за да посака да живее и да биде среќен,“ рече соседката Драгица Бошкова.

Таа и уште неколку соседки, со години, се грижат за овие две лица со посебни потреби. Деновиве тие ја поттикнаа добрината на повеќемина сограѓани и луѓе во Македонија. На домашната адреса на Николовски, на улицата „Орце Шутев“ број 10 во Велес стигнува помош. Добро ќе биде ако на некое семејство не му треба фрижидер или машина за перење  да им ги подари на Стојан и Младен, рекоа денеска нивните соседи.

„Тие не умеат рачно да перат. Никој од нас нема такви електрични апарати што не му требаат. Да имаме досега ќе им ги подаревме. Затоа апелираме можеби ќе се појави некое семејство што ќе може да донира,“ рече Бошкова.

Денеска соседите ги подготвуваа документите со кои двајцата браќа повторно ќе имаат здравствена заштита. Сега, по десет години од смртта на татко им, во Центарот за социјални работи се подготвуваат и документи со кои Стојан ќе треба да ја наследи пензијата. Младен ќе треба да подготви документи и да оди на лекарска комисија за инвалидска пензија. Додека тоа се случи тие ќе треба да се прехранат, зимава да им биде топло во собата во која живеат, да го платат долгот од 28 илјади денари за потрошена вода и скоро шест илјади денари за радиодифузна такса. Секако и да почнат повторно да им веруваат на луѓето, барем на оние кои кон нив покажаа или ќе покажат грижа./Убавка Јаневска.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.